Дали и колку граѓаните го почувствуваа растот на просечната плата. За власта зголемувањето од 150 евра за две години значи водење на одговорни политики и грижа за работниците. Опозицијатга со контра аргументи, смета дека граѓаните никогаш не живееле потешко, а власта пак нема план за есенскиот ценовен шок кој го очекува населението. За економистите месечното намалување на инфлацијата не треба да значи ништо засега.
Владата смета дека води одговорни политики и стабилно управува со јавните финансии, а мерките и политиките од Илинденска велат дека даваат конкретни резултати кои се мерливи, а граѓаните ги чувствуваат во семејните буџети. Како поткрепа на овие тврдења велат дека за само две години од нивното владеење, просечната нето-плата е зголемена од 40,496 денари на 48,779 денари, а тоа се податоци на Државниот завод за статистика.
„Номиналниот раст на платите во 2024та година изнесуваше 12,6%, а во 2025та година растот продолжи со 9,6%. Годинава се очекува дополнително зголемување поголемо од 8%. Освен што растат платите, расте и реалната куповна моќ на граѓаните. Ова го потврдуваат и најновите податоци на Евростат каде мерено според куповната моќ потврдуваат дека вредноста на бруто минималната плата во Македонија во јули во 2026та година е повисока од сите земји на Западниот Балкан“, велат од владата.
Но ставот пак на опозицијата е дека животниот стандард ќе продолжи да паѓа, а граѓаните велат дека ги чека тешка есен. Тврдат дека Владата нема никаков план како да ги заштити граѓаните од новиот ценовен удар што се заканува наесен. Наместо мерки за заштита на животниот стандард, власта ги остава граѓаните сами да се справуваат со растот на цените на храната, скапите горива и сè поголемите трошоци за живот. Дополнително се загрижени дека регионалните и глобалните случувања дополнително можат да ја влошат економската состојба, а Владата не презема никакви мерки за да ги заштити граѓаните од нови поскапувања.
„Во септември очекуваме да има голема криза. Кога ќе почне септември, почнуваат трошоците за училиштата. Нема никаква најава за зголемување на платите. Што ќе биде со горивата? Дали ова поскапување повторно ќе повлече нова спирала поскапувања? Гледате што се случува со цените во маркетите. Голема криза ќе биде. Мисламе дека цените повторно ќе пораснат со ова последно зголемување на цените на горивата. Никој не ги контролира цените и тие растат. Никој не презема мерки“, велат од СДСМ.
Од друга страна експертите сметаат дека намалувањето на инфлацијата на месечно ниво не треба да не опушти бидејќи ценовните шокови не се завршени. Мора да се биде подготвен за нови турбуленции поради надворешните случувања, и поради зависноста на Македонија од увоз на деривати и храна.
„Точно е дека месечната инфлација во јуни бележи намалување од 0,5% во однос на мај, што покажува извесно краткорочно стабилизирање на цените. Сепак, еден месечен податок не е доволен за да се заклучи дека ризикот од ценовни шокови е поминат. Економската политика треба да ги следи трендовите на подолг рок, особено кај храната, енергенсите и услугите, кои најсилно влијаат врз животниот стандард“, смета економистот Абил Бауш
Од владата се децидни дека остануваат посветени на привлекување на нови странски инвестиции, создавање на стабилна економска клима, раст на платите, отворање на нови работни места и подобрување на животниот стандард на граѓаните. Опозцијата не е со таков оптимизам и очекува влошување на состојбата, а пак економистите повикуваат на претпазливи потези во креирањњто на идните економски политики.
И.П



