„Intel Corp“ собра 20 милијарди долари преку продажба на акции, што е за една третина повеќе од целта што компанијата ја постави при објавувањето на трансакцијата, објави „Bloomberg“.
Производителот на чипови ја утврдил цената на една акција на 95 долари, што претставува попуст од 6,5 отсто во однос на цената на акциите на „Intel“ на крајот од тргувањето во петокот.
Продажбата на акциите привлекла побарувачка во вредност од повеќе од 100 милијарди долари, откриваат извори запознаени со случувањата.
Трансакцијата ја покажува издржливоста на побарувачката кај инвеститорите за акции поврзани со вештачката интелигенција (AI). Од почетокот на годината, со ваквите трансакции доминираат компании што имаат корист од растечките инвестиции во „AI“.
Јужнокорејскиот производител на мемориски чипови „SK hynix Inc“ собра 26,5 милијарди долари преку првата понуда на американски депозитарни потврди, што претставува најголемо котирање на странска компанија на американска берза.
Неговиот конкурент „CXMT Corp“ минатиот месец собра околу 9,9 милијарди долари преку речиси рекордната за Кина иницијална јавна понуда на акции (IPO), по што стана најголемата компанија котирана на берзите во континенталниот дел на земјата.
Акциите на „Intel“ поскапеа за околу 164 отсто од почетокот на годината, откако главниот извршен директор Лип-Бу Тан го определи стабилизирањето на финансиската состојба на компанијата како приоритет.
Напорите вклучуваат привлекување надворешни инвестиции од американската влада, како и од конкуренти во секторот на чипови, меѓу кои „Nvidia Corp“.
„Intel“ ги зголемува своите парични резерви со цел да преземе поважна улога во развојот на вештачката интелигенција. Глобалното проширување на центрите за податоци веќе ја зголеми побарувачката за нејзините процесори со општа намена, но компанијата има потешкотии директно да се натпреварува со „Nvidia“ и „AMD“ на пазарот на процесори за вештачка интелигенција.
„Intel“ исто така има потреба од средства за изградба на мрежа од фабрики, со цел да ја оствари својата амбиција да стане договорен производител за други компании во технолошката индустрија.



