„Bank of America Corp“ ќе инвестира 250 милијарди долари во критична инфраструктура во САД во текот на следната година, приклучувајќи им се на конкурентите кои сакаат да ги зајакнат иновациите низ целата земја, објави „Bloomberg“.
Инвестицијата е наменета за проекти што опфаќаат центри за податоци и компјутерска инфраструктура, производство на енергија од обновливи извори, складирање енергија, природен гас, пренос на електрична енергија, критични минерали и рударство.
Целта е да се поддржат енергетската безбедност, отворањето нови работни места и економската конкурентност, наведува банката.
„Без цврста инфраструктура тешко е да ја зачуваме конкурентноста и лидерството во следната генерација“, изјави Карен Фан, раководителка на одделот за инфраструктура и одржливо финансирање во „Bank of America“.
„Старата инфраструктура мора да се модернизира“, додаде таа.
Ова е уште една инфраструктурна иницијатива на американските банки. Претходно оваа недела „Morgan Stanley“ објави заложба од 1,5 трилиони долари за прибирање капитал, финансирање и советодавни услуги во текот на следната деценија.
САД бараат решение за проблемот со застарената инфраструктура, додека истовремено спроведуваат масовна изградба на капацитети за центри за податоци, што дополнително ја оптоварува електроенергетската мрежа.
Заложбата на „Bank of America“ не е ограничена само на зголемениот интерес за вештачката интелигенција. Банката ќе се фокусира и на сектори како транспортот и водоснабдителните системи.
Иницијативата е дополнување на претходната заложба на банката да поддржи проекти за одржливо финансирање во вредност од 1,5 трилиони долари до 2030-та година.
Минатата година, поголемиот конкурент „JPMorgan Chase & Co“ вети дека во текот на следната деценија ќе насочи 1,5 трилиони долари кон индустрии кои ја зајакнуваат економската безбедност и отпорноста на САД.
Заложбата на „Bank of America“ е поврзана со 250-годишнината на САД, а капиталот ќе биде пласиран до 4-ти јули следната година.
Целта ги опфаќа кредитите од билансот на „Bank of America“, како и трансакциите што банката ги организира или за кои обезбедува советодавни услуги.



