Повременото прескокнување оброци веројатно нема значително да влијае врз нивото на шеќерот во крвта, но редовното прескокнување може да има поинаков ефект. Особено се издвојува појадокот, а истражувањата покажуваат дека времето на оброците може да има важна улога во начинот на кој организмот ја регулира глукозата.
Кога редовно се прескокнува појадокот, на организмот може да му биде потешко да го регулира шеќерот во крвта во текот на остатокот од денот. Истражување од 2019-та година, спроведено на здрави млади мажи, покажало дека нивото на шеќерот во крвта по ручекот било значително повисоко кога не појадувале.
Студија од 2020-та година го поврзала прескокнувањето на појадокот и со послаба контрола на шеќерот во крвта кај лицата со дијабетес тип 2, додека истражувањата укажуваат и на зголемен ризик од преддијабетес и дијабетес тип 2, пишува „Health“.
Прескокнувањето оброци не е исто што и повременото постење
За разлика од случајното прескокнување оброци, повременото постење е структуриран начин на исхрана со однапред определени периоди без внесување калории.
Некои истражувања покажуваат дека правилно спроведеното повремено постење, вклучително и раното временски ограничено јадење, може да ја подобри контролата на глукозата. Сепак, други студии не утврдиле предност во однос на стандардните диети, па затоа се потребни дополнителни истражувања.
За постабилно ниво на шеќер во крвта се препорачува доследен распоред на исхрана, особено кај лицата со дијабетес. Појадок богат со протеини и растителни влакна, како и комбинирањето јаглехидрати со протеини и влакна, може да го забави варењето и да помогне во одржувањето постабилно ниво на глукоза.
Истражувањата исто така укажуваат дека може да биде корисно сите дневни оброци да се консумираат во период од 12 часа и да се избегнува јадење непосредно пред спиење.
Лицата кои имаат проблеми со регулирањето на шеќерот во крвта или сакаат да пробаат повремено постење, претходно треба да се консултираат со лекар.
Треперење, слабост, ладна пот, силен глад, збунетост, вртоглавица, заматен вид, изразена жед и често мокрење може да укажуваат на прениско или превисоко ниво на шеќер во крвта.
Тешката хипогликемија може да доведе до напади, губење на свеста и кома и бара итна медицинска помош.



