За многумина работниот ден почнува со истата мисла: само да поминат овие осум часа. Алармот ѕвони, следуваат кафе, пат до работа, истите лица, истите задачи, а некаде до пладне веќе се брои колку останало до крајот на смената. Проблемот е што отказ не се дава толку лесно. Сметките не чекаат, кредитот стигнува секој месец, а ново работно место никој не може да ви гарантира.
Токму затоа, експертите за човечки ресурси советуваат незадоволството од работата прво да се расчисти на хартија, наместо веднаш да се посегне по отказ.
Првото прашање е едноставно: што точно ви пречи?
Платата, претпоставениот, колегите, работното време, обемот на работа или самата професија? Не е исто да мразите сè што работите и да имате проблем со еден дел од работното место. Понекогаш човек мисли дека сака целосно да ја смени професијата, а всушност со месеци не може да поднесе еден шеф или распоред што му го превртел животот.
Експертите за човечки ресурси советуваат прво да се погледне „пошироката слика“. Ако мотивацијата исчезнала во секојдневните задачи, треба да се размисли зошто воопшто сте ја прифатиле таа работа и што се сменило во меѓувреме.
„Обидете се да откриете што конкретно ве мачи и дали тоа може да се поправи“, е советот на познавачите на човечките ресурси.
Ако проблемот може јасно да се именува, следниот чекор е разговор со претпоставениот. Не со кавга, ултиматум или со реченицата „или ќе биде по мое или си одам“, туку со конкретен проблем и можно решение.
Можеби постои можност за преместување во друг тим, поинаква работна задача или друга улога во компанијата. Експертите посочуваат дека ваквите разговори не се пријатни, но понекогаш токму непосредниот претпоставен може да понуди решение што работникот не го гледа. Ако разговорот со него е невозможен, советот е проблемот да се отвори пред друг одговорен човек во компанијата.
Сепак, постои и друга ситуација. Работата навистина не ви одговара и нема што да се поправи.
Тогаш почнува потрагата по излез.
Финансиските советници предупредуваат дека одлуката за напуштање работа не треба да се носи само под налет на нервоза. Губењето редовен приход може брзо да стане поголем проблем од лошото расположение на работното место. Финансиската резерва служи токму за ситуации кога приходот ненадејно ќе се намали или целосно ќе исчезне, а и помала заштеда може да даде одредена финансиска сигурност.
Со други зборови, ако можете, барајте нова работа додека сè уште ја имате старата.
Средете го CV-то, разгледајте што се бара на пазарот, разговарајте со луѓе од професијата и проверете дали вашите очекувања за плата и услови се реални. Дури потоа носете конечна одлука.
Важно е и да не се меша обично незадоволство со долготраен стрес. Постојаната исцрпеност, падот на мотивацијата и чувството дека работата ве троши може да бидат поврзани со работен стрес и прегорување. Психолозите го опишуваат прегорувањето како последица на хроничен стрес на работното место со кој не се управувало успешно.
Затоа советот не е едноставно „трпи“ или „дај отказ“.
Прво утврдете што не чини. Потоа проверете дали може да се смени. Разговарајте. Побарајте друга улога ако постои таква можност. А ако ништо од тоа не функционира, почнете да подготвувате следен чекор без да се доведете во ситуација денес да се ослободите од лошиот шеф, а веќе следниот месец да се прашувате како ќе ги платите сметките.
Работата може да се смени. Само е подобро тоа да биде план, а не момент на бес.
Б.З.М.



