Најновиот извештај на Државниот завод за статистика покажува дека општините дале дозвола за изградба на нови 754 станови. Податоците велат дека бројот на одобренијата за градење во јуни 2026 година е зголемен за 39 % во однос на истиот период од претходната година.
Државните статистичари забележале дека во јуни 2026 година се издадени 296 одобренија за градење, што е за близу 40 отсто повеќе во однос на истиот месец од претходната година. Податоците велат дека, според издадените одобренија за градење, предвидената вредност на објектите изнесува 6 363 610 илјади денари, што е за 31 % повеќе во однос на истиот месец од претходната година.
„Од вкупниот број издадени одобренија за градење, 200 (67.6 %) се наменети за објекти од високоградба, 26 (8.8 %) за објекти од нискоградба и 70 ( 23.6 %) за објекти за реконструкција. Од вкупно 296 објекти, на 218 (73.6 %) како инвеститори се јавуваат физички лица, а на 78 (26.4%) објекти инвеститори се деловни субјекти. Во извештајниот период е предвидена изградба на 754 станови со вкупна корисна површина од 64 266 м2.“ се наведува во соопштението на ДЗС.
Ако се анализираат податоците ќе може да се забележи дека од 296 одобрени дозволи за градење, дури 218 се за физичко лице а останатите 78 се за компании. Од нив 200 се наменети за високо градба, 26 за ниско градба, а 70 за реконструкции на постоечки објекти.
Според региони, најмногу ќе се гради во Полошкиот регион, каде се издадени 70 дозволи за градба, следува Скопскиот со 54 а веднаш зад него е Југоисточниот регион со 53 одобренија за градба. 40 одобренија добиле инвеститори од Југозападниот дел на Македонија. Во останатите региони се издадени по 20тина одобренија. Во Североисточниот дел на земјава се одобрени најмалку односно само 4 одоренија за градба.
Во однос на предвидените станови, повторно најмногу згради ќе добие Скопскиот регион каде летово ќе се градат 241 нов стан. На второ место е Полошкиот регион каде ќе има нови 165 станови. Југозападниот регион ќе добие нови 126 станови.
И.П



