Кога ќе дојде сезоната на пиперките, корнишоните и зелениот домат, во многу домаќинства почнува старата пресметка: да се засукаат ракавите или да се купи готова тегла од маркет. Домашната зимница има вкус што тешко се споредува со индустриската, но кога на хартија ќе се стават зеленчукот, маслото, зачините, теглите и потрошената енергија, разликата во цена понекогаш станува многу мала.
Економистите посочуваат дека кај домашното производство најчесто не се пресметува трудот. Ако часовите поминати во печење, лупење, мелење и варење се сметаат за бесплатни, домашната зимница може да изгледа поевтина. Ако се пресмета и времето, приказната е поинаква.
Најдобар пример е ајварот. За една поголема тегла потребни се околу три до три и пол килограми печени пиперки. Во една регионална пресметка, само пиперките чинеле околу 300 денари, а кога ќе се додадат теглата, капакот, масло, сол, шеќер и евентуално модар патлиџан, трошокот достигнувал најмалку 400 денари за тегла. Подготовката, пак, трае два дена.
„Кога ќе ги додадам маслото, солта, шеќерот и теглата, една тегла ме чини најмалку 400 денари“, вели искусна домаќинка која со години подготвува зимница.
Готовиот домашен ајвар во истата пресметка се продавал за околу 600 денари, додека индустриски производ можел да се најде и за околу 350 денари. Разликата, сепак, не е само во цената. Кај традиционалниот ајвар пиперките се печат, се лупат, се оставаат да се исцедат, потоа се мелат и пржат. Тоа е и причината зошто домаќинствата што редовно прават ајвар велат дека знаат точно што има во теглата.
Многу поисплатлива е приказната со киселите краставички.
Од десет килограми ситни краставички може да се наполнат околу 23 до 24 тегли. Според направената пресметка, со зеленчукот, теглите, есенцијата, солта, шеќерот и зачините, вкупниот трошок бил околу 2.000 денари. Тоа значи дека една домашна тегла излегувала помалку од 100 денари. Во овој случај домашната варијанта имала јасна ценовна предност.
Економските аналитичари велат дека токму кај ваквите производи треба да се гледа односот меѓу цената на суровината и количеството што се добива. Колку повеќе тегли се полнат од релативно евтин зеленчук, толку домашната подготовка има поголема смисла.
Добра математика има и кај шарената салата. За една тура се потребни зелка, краставички, пиперки, морков и зелен домат. Од околу 12 килограми зеленчук во наведениот пример се добиваат приближно 15 тегли, а самиот зеленчук чинел помалку од 700 денари. Подготовката е и многу поедноставна од ајварот.
Токму тука е и главната разлика. Не секоја зимница вреди да се прави само поради заштеда.
Кај ајварот најголемата ставка не е само пиперката, туку и времето. Кај туршијата, шарената салата и киселите краставички работата е помала, а од една набавка се добиваат многу тегли. Печените пиперки за замрзнувач, исто така, важат за една од поедноставните и поисплатливи варијанти.
Продавачите на пазарите забележуваат и промена во навиките. Сè помалку семејства купуваат зеленчук во големи вреќи како порано.
„Не се купува на големо како некогаш. Род има, ама нема кој да купи“, вели продавачка на пазар.
Затоа сметката пред шпоретот станува едноставна. Ако целта е само да се заштеди, најмногу се исплатат поедноставните салати, туршијата и краставичките. Ајварот останува друга категорија. Таму теглата можеби нема да биде многу поевтина, но многумина сепак ја палат плотната.
Затоа што домашен ајвар е домашен ајвар.
Б.З.М.



