Централните банки во азиските земји во развој сè почесто наоѓаат начини да ги поддржат своите валути без да ги користат девизните резерви, бидејќи тензиите на Блискиот Исток и изгледите за повисоки каматни стапки во САД ги држат централните банкари на штрек.
Индија привлече речиси 40 милијарди долари од својата дијаспора преку високодоходни доларски депозити, што придонесе за закрепнување на рупијата од рекордно ниското ниво во мај, пишува „Bloomberg“.
Напорите на Јужна Кореја да го забрза враќањето на корпоративните долари во земјата му помогнаа на вонот да оствари најголем месечен раст од 2022-ра година. Индонезија, пак, во изминатите два месеца привлече 1,6 милијарди долари преку обврзници, откако понуди стимулации за странските фондови.
Тајван им наложи на извозниците да продаваат американски долари во периоди кога домашната валута слабее.
Овие мерки го прошируваат арсеналот на централните банкари и ги дополнуваат традиционалните инструменти, како што се зголемувањето на каматните стапки и интервенциите на девизниот пазар. Традиционалните инструменти беа првата линија на одбрана по конфликтот на Блискиот Исток, кој доведе до раст на цените на нафтата.
Скокот на цените на нафтата и горивата ја откри силната зависност на азиските земји во развој од увозот на енергенси, што го прави регионот еден од најслабите на девизниот пазар.
Иако цените на нафтата оттогаш се намалија по сигналите дека САД и Иран се блиску до договор, неколку азиски валути и понатаму се меѓу најслабо пласираните од почетокот на годината.
„Постојат различни мотивирачки фактори, но во суштина тие се сведуваат на зачувување на девизните резерви во услови на структурно повисока нестабилност и неизвесност“, вели Клаудио Пирон, раководител на одделот за валутна и каматна стратегија за Азија во „BofA Global Research“.
„Покрај тоа, тие се обидуваат да ги балансираат потребите за заштита на стабилноста на валутите со одржувањето на домашната ликвидност. Привлекувањето капитални приливи е клучна стратегија за постигнување на оваа цел“, додава тој.
Индонезиската рупија, индиската рупија и тајландскиот бат се меѓу петте валути со најслаби резултати од почетокот на годината во кошницата од 22 валути на пазарите во развој што ги следи „Bloomberg“.
Во исто време, латиноамериканските валути се на врвот на листата, предводени од колумбискиот пезос, бразилскиот реал и мексиканскиот пезос. Регионот нуди повисоки каматни стапки од повеќето земји во развој, а многу од земјите се извозници на нафта, што ги прави релативно отпорни на влијанието од повисоките цени на нафтата.
„Врз основа на вкупниот принос, латиноамериканските валути ја задржуваат предноста поради повисокиот принос од преносот на каматните стапки“, коментира Дезмонд Фу, раководител на одделот за управување со инвестиции во „Western Asset Management“ во Сингапур.
„Сепак, на спот-пазарот, одредени азиски валути би можеле да намалат дел од разликата доколку приносите на американските обврзници се стабилизираат, нарушувањата на енергетскиот пазар не се продлабочат, а инвестицискиот циклус поврзан со вештачката интелигенција продолжи да го поддржува технолошкиот извоз и капиталните инвестиции во регионот“, додава тој.
Неколку други аналитичари, меѓу кои и експерти од „Alpine Macro“, „State Street Investment Management“ и „M&G Investments“, велат дека степенот на слабеење на азиските валути е изненадувачки, имајќи ја предвид комбинацијата од позитивни фактори, вклучително и трговските суфицити, стабилните макроекономски основи, силниот извоз и активните берзи во регионот.
„Тоа укажува дека нерамнотежата повеќе се крие во структурата на капиталните текови отколку во трговските основи, што значи дека само валутната интервенција можеби нема да биде доволна за справување со слабеењето на валутите“, коментира Лоу Гуан И, раководител на одделот за фиксни приходи за Азија во „M&G“.
„Во овие услови очекуваме централните банкари да продолжат да ги прошируваат изворите на прилив на странска валута“, додава експертот.
Во Јапонија, најголемиот развиен пазар во Азија, креаторите на политиките се чини дека сè повеќе се насочуваат кон валутни интервенции. Првата заедничка операција за откуп на јени од страна на Јапонија и САД од 1998-ма година неодамна помогна во едно од најзабележителните закрепнувања на јенот.
Сепак, централните банки на азиските земји во развој не се откажуваат од традиционалните механизми за заштита. Банката на Индонезија ги зголеми каматните стапки за 100 базични поени во мај и јуни и продолжи да интервенира на девизниот пазар, слично како индиската централна банка.
Индонезија и Индија, заедно со Филипините и Тајланд, бележат најголемо намалување на девизните резерви во Азија од почетокот на војната со Иран, со пад од 4 до 9 проценти.
Властите на Филипините ги зголемија каматните стапки за 50 базични поени, додека централната банка на Јужна Кореја минатиот месец за првпат по три години ја заостри монетарната политика. „MUFG Bank Ltd“ прогнозира уште две зголемувања на каматните стапки во Индонезија и на Филипините, како и најмалку уште едно зголемување во Јужна Кореја до крајот на годинава.
Патеката на монетарната политика на САД останува клучна за инвеститорите, особено откако тројца претставници на Федералните резерви изразија несогласување со одлуката од минатиот месец каматните стапки да останат непроменети. Тие предупредија и дека предолгото одложување на мерките против инфлацијата би можело подоцна да доведе до потреба од уште поагресивни потези во монетарната политика.
„Азиските централни банки располагаат со поголема огнена моќ, имајќи ја предвид зголемената неизвесност околу глобалните случувања, вклучително и тоа како би можеле да се движат цените на нафтата, Ел Нињо, приносите на американските државни обврзници и доларот“, вели Мајкл Ванг, висок валутен аналитичар во „MUFG Bank“ во Сингапур.
„Привлекувањето дополнителни долари ќе биде еден од аспектите на стратегијата“, заклучува тој.



