„Hon Hai Precision Industry Co“, позната како „Foxconn“, оствари поголем од очекуваниот раст на кварталниот профит, што е знак за силна глобална побарувачка на хардвер за вештачка интелигенција, пренесува „Bloomberg“.
Нето-профитот на компанијата во кварталот што заврши кон крајот на јуни пораснал за 35 отсто, на 60 милијарди тајвански долари (1,9 милијарди американски долари), додека просечната прогноза на аналитичарите изнесувала 58,4 милијарди тајвански долари.
Претходно компанијата објави дека кварталната продажба пораснала за 40 отсто. Приходите во јули скокнале за 54,2 отсто, на 946,5 милијарди тајвански долари. Аналитичарите во просек очекуваат раст на продажбата од 32 отсто во тековниот квартал.
Резултатите на тајванската компанија станаа важен показател за глобалната побарувачка на технологија поврзана со вештачката интелигенција, поради нејзината улога како главен производствен партнер за серверите на „Nvidia“, чии чипови се претворија во „златен стандард“ за најголем дел од центрите за податоци.
„Hon Hai“, позната и како „Foxconn“, дополнително има корист од стабилниот раст на „Apple“ на пазарот на паметни телефони. Тајванската компанија останува главен производител на „iPhone“, со фабрики за склопување на мобилни телефони во Кина и во Индија.
Од „Hon Hai“ очекуваат испораките на серверски системи за вештачка интелигенција да го задржат интензитетот и во тековниот квартал, додека побарувачката за производи од областа на информациските и комуникациските технологии влегува во периодот на најголема сезонска активност.
„Alphabet“, „Meta Platforms“, „Microsoft“ и „Amazon.com“ – четирите најголеми компании во трката за изградба на центри за податоци – најавија инвестиции поврзани со вештачката интелигенција во вредност од речиси 2,4 трилиони долари во следните години.
Тоа се случува во услови на сè уште отворени прашања за тоа како компаниите ќе остваруваат профит од оваа технологија, како и предупредувања за прекумерен капацитет и растечкиот корпоративен долг.
Овие стравувања предизвикаа пад на технолошките акции во јули. Сепак, добрите финансиски резултати и оптимистичките прогнози на производителот на сервери „Super Micro Computer“ и на компанијата за обезбедување компјутерски ресурси за вештачка интелигенција „CoreWeave“ оваа недела помогнаа делумно да се смират загриженостите на инвеститорите.



