ПочетнаЕКОНОМИЈАДотраените соларни панели создаваат и криза и можности

Дотраените соларни панели создаваат и криза и можности

Соларните панели се еден од најбрзорастечките сектори во енергетиката, благодарение на ниската цена и брзата изградба. Заедно со батериите, тие веќе се полесни за користење од страна на операторите на електроенергетските мрежи. Но, забрзаниот развој создава и криза на која еколозите одамна предупредуваат – тони отпад од панелите што го завршуваат својот работен век. Нивниот „животен век“ е околу 25 до 30 години.

Според процените на Меѓународната агенција за обновлива енергија (IRENA), доколку се оствари оптимистичкото сценарио, според кое просечниот пораст на температурите нема да надмине 1,5 Целзиусов степен, до 2050-та година од употреба ќе бидат повлечени 25 милиони тони соларни панели, односно капацитет од повеќе од 400 гигавати.

Нивното транспортирање од соларните централи до депониите ќе бара 120.000 тури со тешки товарни возила, а количината на отпад би била доволна да наполни повеќе од 150 депонии со средна големина.

Рециклирањето може значително да ја намали количината на отпад, а истовремено да обезбеди вредни метали и други материјали што се користат во производството на панелите за нивна повторна употреба. Во моментов од панелите може да се извлечат до 90 отсто од употребените материјали, меѓу кои најмногу алуминиум, сребро и други елементи.

Проценките на „IRENA“ покажуваат дека вредноста на рециклираните материјали од соларните панели во 2040-та година ќе достигне околу шест милијарди долари годишно. Само десетина години подоцна, односно до 2050-та година, нивната вредност би надминала 20 милијарди долари годишно.

Фотоволтаичната индустрија веќе создала 7,2 милиони работни места, што претставува околу 43 отсто од вработеноста во секторот на обновливите извори на енергија.

Рециклирањето на соларните панели отвора можности и за создавање нови работни места. Според процените, може да се создадат меѓу 60 и 140 работни места на секои 1.000 тони собран материјал наменет за повторна употреба од електронскиот отпад.

Од „IRENA“, сепак, посочуваат дека во секторот на обновливите извори на енергија и соларните централи многу од одлуките зависат од политиките, а за нивното спроведување е неопходно вклучување на сите засегнати страни од различни економски сектори.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП