Квалитетниот сон е важен за здравјето, а иако храната не е лек за несоница, одредени намирници како дел од здравата рутина можат да придонесат за подобар сон. Една едноставна ужина би можела да биде особено добар избор пред легнување.
Станува збор за овесната каша, која содржи триптофан, аминокиселина што учествува во производството на серотонин, а потоа и на мелатонин – хормон кој го регулира циклусот на спиење и будност.
Овесната каша исто така е богата со сложени јаглехидрати и влакна.
„Тоа може да биде добра опција за луѓето кои огладнуваат пред легнување, за оние кои вечераат рано или јадат лесен оброк, но и за оние кои вежбаат навечер и им е потребно нешто за опоравување на мускулите“, вели нутриционистката Мартина Донегани за „Voguе“.
Како да подготвите овесна каша пред спиење?
„Овесот содржи сложени јаглехидрати и влакна, особено бета-глукани, кои поттикнуваат чувство на ситост и обезбедуваат постепено ослободување на енергијата“, објаснува Донегани.
Таа додава дека во комбинација со протеини, како јогурт или млеко, овесната каша може да стане балансирана вечерна ужина.
Сепак, овесната каша треба да се приспособи на индивидуалните потреби. Луѓето кои се на нискокалорична исхрана треба да внимаваат на дополнителните калории, додека лицата со дијабетес или инсулинска резистенција треба да внимаваат на количината и да избегнуваат додадени шеќери.
Донегани посочува и дека луѓето кои имаат рефлукс можеби нема добро да поднесат оброк непосредно пред спиење.
За лесен вечерен оброк, таа препорачува овесни снегулки со млеко или обичен јогурт и свежо овошје, наместо додаден шеќер.
Може да се додадат и цимет, незасладено какао, јаткасти плодови или семки.
„Дури и малку темно чоколадо може да биде добар додаток, под услов да не претерате“, заклучува Донегани.



