Не мора робот да седне на вашето биро за да почувствувате дека работата се менува. Доволно е програмата што вчера служеше само за пишување пораки, денес да составува извештаи, да обработува табели, да преведува, да бара податоци или за неколку секунди да заврши задача за која порано бил потребен цел час. Вештачката интелигенција веќе е дел од работното секојдневие, а економистите предупредуваат дека најголемата промена допрва следува.
Сепак, сценариото според кое милиони луѓе преку ноќ ќе останат без професија засега не го потврдуваат истражувањата. Многу поверојатно е луѓето да останат на своите работни места, но да работат сосема поинаку.
Според анализата на Меѓународната организација на трудот, секој четврти работник во светот е во професија која на некое ниво може да биде погодена од генеративната вештачка интелигенција. Но само 3,3 отсто од вкупната вработеност е во категоријата со највисока изложеност. Најсилно погодени се канцелариските и административните работни места.
Пораката на трудовите аналитичари е прилично јасна: „Трансформацијата, а не замената, е најверојатниот исход“.
Тоа практично значи дека секретар, сметководител, банкарски службеник, преведувач или вработен кој обработува документи можеби нема да исчезне од компанијата, но добар дел од работата што денес ја прави рачно ќе ја преземе софтвер.
На удар први се повторливите задачи. Внесување податоци, средување документи, основни пресметки, стандардни текстови, едноставни преводи, пребарување информации…
Токму тука машината е најбрза.
Од работникот, пак, сè повеќе ќе се бара да провери дали добиениот резултат е точен, да донесе одлука кога нешто ќе тргне наопаку и да реши проблем за кој нема однапред подготвен одговор.
Истражувањата за иднината на пазарот на труд покажуваат дека промената нема да биде мала. До 2030 година се очекува различните технолошки, економски и демографски промени да создадат околу 170 милиони нови работни места, но истовремено да потиснат околу 92 милиони постојни позиции. Тоа би значело нето-зголемување од околу 78 милиони работни места.
Но тука има една важна работа. Новото работно место нема нужно да го бара истото знаење како старото.
Според анкетите меѓу работодавците, речиси 40 отсто од вештините што денес се потребни за работа би можеле да се променат до крајот на деценијата. Дури 77 отсто од работодавците планираат дополнително да ги обучуваат своите вработени поради ширењето на вештачката интелигенција. Од друга страна, 41 отсто очекуваат да го намалат бројот на работници таму каде што дел од задачите ќе може да се автоматизираат.
Економистите затоа сè почесто велат дека главната поделба во иднина нема да биде само меѓу професии кои ќе исчезнат и оние кои ќе преживеат, туку меѓу работници кои ќе научат да ја користат новата технологија и оние кои ќе продолжат да работат исклучиво на стариот начин.
Притоа, не значи дека сите ќе мора да станат програмери.
Податоците на ОЕЦД покажуваат дека помалку од еден процент од работниците ќе имаат потреба од напредни знаења за развој на системи со вештачка интелигенција. За многу поголем број вработени ќе биде важно да знаат како правилно да ги користат алатките, да анализираат и да толкуваат податоци. Во исто време, остануваат важни решавањето проблеми, креативноста, комуникацијата и способноста за носење одлуки.
Помалку изложени остануваат и професиите во кои работата не може лесно да се пресели на компјутерски екран. Медицински сестри, дел од здравствените работници, електричари, водоинсталатери, мајстори и други занаетчии и натаму зависат од практична работа, контакт со луѓе и снаоѓање во конкретна ситуација.
Затоа, прашањето веќе не е само дали вештачката интелигенција ќе зема работни места. Дел сигурно ќе исчезнат, други ќе се појават. Поголемата промена ќе биде во она што секое утро ќе го правиме кога ќе седнеме на работното место.
Истата професија, иста канцеларија, можеби и исто биро. Само работата веќе нема да биде иста.
Б.З.М.



