ПочетнаЕКОНОМИЈАДојран полн во август: Ноќевање од 1.800 денари, а ручек за двајца...

Дојран полн во август: Ноќевање од 1.800 денари, а ручек за двајца лесно стигнува до 1.500 денари

Дојран и ова лето си ја има својата публика. Викендите се најживи, шеталиштето навечер се полни со туристи, рестораните покрај езерото имаат работа, а за подобро сместување во август веќе не е доволно да се јавите ден претходно и да прашате: „Имате нешто слободно?“. Има, ама изборот е помал, особено кога се бара апартман блиску до вода, со клима, паркинг и со пристојна тераса.

Актуелните понуди покажуваат дека приватното сместување во Дојран најчесто се движи од околу 1.800 до 3.200 денари за ноќевање, зависно од локацијата, големината и условите. Може да се најдат и поевтини соби, додека подобро опремените апартмани, поголемите објекти и сместувањето со базен одат и значително над оваа сума.

На пример, дел од апартманите во сезона се нудат за околу 2.500 денари од вечер, бунгалови за околу 2.400 денари, а кај поновите апартмани со поглед кон езерото цените се движат околу 2.800 до 3.200 денари.

Тоа значи дека едно семејство кое ќе остане пет ноќи само за сместување треба да одвои приближно од 10.000 до 16.000 денари, ако не бара луксуз. Хотелското сместување е поскапо, особено во објектите покрај самото езеро.

Од локалниот туристички сектор велат дека интерес има и од домашните гости, но и од Србија. Уште на почетокот на сезоната беше регистрирана зголемена побарувачка за сместување, а август традиционално е периодот кога Дојран добива најмногу гости.

Но, сместувањето е само половина од сметката. Треба и да се јаде.

Цените во дојранските ресторани покажуваат дека класичен ручек сè уште може да се помине релативно пристојно, но семејно излегување веќе не е ситен трошок. Шопската и грчката салата во повеќе ресторани се движат главно од 200 до 250 денари. Плескавицата е околу 200 до 320 денари, пилешкиот стек околу 250 до 300 денари, додека порција помфрит чини од 100 до 150 денари.

Кој оди во Дојран, сепак, најчесто сака риба.

Крапот во рестораните се служи по цена од околу 450 до 650 денари за порција, сомот од 400 до 700 денари, кострешот и црвеноперката околу 380 до 400 денари. Рибјата чорба чини околу 150 до 200 денари, а познатите специјалитети од крап најчесто се околу 350 денари.

Практично, еден човек за ручек со салата, главно јадење и пијалак треба да смета најмалку 500 до 700 денари ако избере скара. Со риба сметката лесно оди кон 700, 800 или повеќе денари. За двајца, нормален ручек без претерување најчесто ќе излезе од околу 1.200 до 1.800 денари.

Познавачите на туризмот предупредуваат дека само бројот на луѓе на шеталиштето не е доволен показател дали сезоната навистина е успешна.

„Самото зголемување на бројот на пристигнувања не ја покажува целосната состојба на секторот“, посочуваат туристички експерти, според кои многу поважно е колку долго гостите остануваат и колку трошат.

Тие додаваат дека домашниот турист е особено важен за места како Дојран, бидејќи не доаѓа само еднаш во животот. Ако е задоволен од цената, чистотата, храната и услугата, повторно ќе се врати.

И токму тука Дојран ја има својата шанса. За разлика од поголемите туристички центри, сè уште може да понуди неколку дена одмор без огромен буџет. Но евтино како некогаш веќе не е.

Две ноќевања за пар, два ресторански ручеци и уште неколку кафиња, пијалаци и ситни трошоци лесно ја носат сметката над 7.000 до 9.000 денари, без гориво и пат.

За продолжен викенд покрај езеро, сепак, интерес има. А во август, особено за викенд, важи старото правило: кој порано ќе резервира, тој ќе има и подобар избор и помала сметка.

Б.З.М.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП