„OpenAI“, компанијата која го создаде „ChatGPT“, заврши секундарна продажба на акции во вредност од околу 7 милијарди долари, објави „CNBC“, повикувајќи се на податоци на „Bloomberg“.
Со трансакцијата, сегашни и поранешни вработени добиле можност да продадат дел од своите акции, при што компанијата е проценета на околу 852 милијарди долари.
Понудата се подготвува откако „OpenAI“ во март го затвори рекордниот круг на финансирање од 122 милијарди долари. Секундарната продажба би требало да го намали краткорочниот притисок врз ликвидноста, додека вработените добиваат можност да реализираат дел од вредноста на своите удели пред потенцијалната иницијална јавна понуда на акции.
„OpenAI“ стана глобално позната по лансирањето на „ChatGPT“ во 2022-ра година, по што се претвори во една од најбрзо растечките приватни компании во светот.
Компанијата во јуни доверливо го доставила проспектот за потенцијално котирање до американската Комисија за хартии од вредност, но досега нема објавено официјален датум за евентуалното излегување на берза.
Секундарните продажби на акции веќе се дел од стратегијата на „OpenAI“ во пресрет на потенцијалното ИПО. Во октомври компанијата заврши понуда вредна 6,6 милијарди долари, при проценка од 500 милијарди долари. Претходно, во 2024-та година, беше реализирана секундарна продажба вредна 1,5 милијарди долари.
„OpenAI“ не е единствената голема компанија во секторот на вештачката интелигенција која се подготвува за потенцијален берзански чекор. Во слична позиција се наоѓа и нејзиниот конкурент „Anthropic“.



