Дождот престана во пролетта и воопшто не се врати. Од Франција до Чешка, приносите ова лето се слаби – а тоа ги исцрпува средствата за поддршка создадени за еднократни катастрофи, а не за криза што се повторува секоја година, пишува „Politico“.
Климатските промени ги направија сушните периоди толку чести во Европа што обезбедувањето помош за нив стана рутина: национални спасувачки пакети, дополнети со средства од ЕУ. Речиси сè покрива она што земјоделците веќе го изгубиле, а многу малку средства се насочуваат кон тоа да им се помогне да ја преживеат следната суша.
И покрај сите средства што ЕУ ги издвојува за земјоделството, ништо од нив не им е загарантирано на земјоделците кога ќе удри сушата. Секој спасувачки пакет се подготвува во моментот и се одлучува одделно. Европската комисија (ЕК) вели дека не може да си дозволи постојан фонд, освен ако земјите членки не издвојат повеќе средства, а досега никој не предложил да го направи тоа.
Во Чешка во март и април паднале само 32 милиметри дожд – најсувата пролет во последните повеќе од 60 години. Последователниот топлотен бран ги зголемил температурите на нивите на над 50 степени Целзиусови.
„Во некои случаи, полињата со пченка не успеваат да произведат ништо што може да се користи како храна за животните“, изјави Јан Долежал од земјоделската комора на Чешка. Тој се надева дека ЕУ ќе ги надомести штетите наесен.
Како да се одговори на овој циклус – прво штета, потоа обесштетување, па повторување во следната сезона – е едно од прашањата што ги одбележуваат преговорите за следниот долгорочен земјоделски буџет на ЕУ.
Една од критичните точки е мал фонд за итни случаи во рамките на буџетот по 2028-ма година, наменет за случаи на нарушување на пазарите – драстичен пад на цените, презаситеност со евтин увоз или појава на болести. Тој може да покрива и штети предизвикани од временските услови, но само кога ЕК ќе одобри средства и тоа одделно за секој случај.
Повеќето влади во погодениот сушен појас сакаат уништените земјоделски приноси да бидат наведени како редовна причина за активирање на фондот.
„Дури и 900 милиони евра би биле само трошки“, изјави европскиот комесар за земјоделство Кристоф Хансен пред новинарите во јули.
Иако оваа сума е предлог на Комисијата за двојно зголемување на сегашниот кризен резервен фонд, Хансен оценува дека, ако се земе предвид сè што бараат земјите, таа би била „апсурдно мала“.
Сушен појас
Мапите на ЕУ покажуваат дека најтешко погодените подрачја од сушата се протегаат низ централниот дел на континентот.
Во Унгарија, каде што приносите ова лето се меѓу 10 и 20 отсто под просекот за последните пет години, Министерството за земјоделство оцени дека постојните механизми за справување со последиците не се во чекор со промените на климата.
Итната помош и осигурувањето мора да се приспособат на потопла Европа, соопшти Министерството, со поголема поддршка од ЕУ, за земјоделците да добиваат помош „побрзо и попредвидливо“.
Заедно со уште шест земји од сушниот појас, Унгарија во јуни поддржа декларација со која се бараат промени во наследникот на фондот за итни случаи.
Овие земји – Полска, Чешка, Словачка, Бугарија, Хрватска и Романија – бараат фондот да ги покрива штетите поврзани со временските услови, да се активира кога земјоделецот ќе изгуби една петтина од приносот, наместо една третина, и средствата да се обезбедуваат пред целосно завршување на административната постапка.
„Во моментов олеснувањето доаѓа предоцна“, се наведува во декларацијата.
Комесарот Хансен сака средствата да се насочат кон долгорочни решенија, а не само кон надоместување на загубите на земјоделците. Меѓу идеите се изградба на системи за наводнување и водна инфраструктура за намалување на штетите, како и поттикнување на осигурувањето преку Европската инвестициска банка.
Целта е лошите земјоделски години да се покриваат преку осигурителни премии, наместо постојано да се користат фондовите за итни случаи.



