ПочетнаАВТОБИЗ„Mercedes-AMG“ подготвува страшен „SUV“ со над 1.100 коњски сили

„Mercedes-AMG“ подготвува страшен „SUV“ со над 1.100 коњски сили

Инженерите во Афалтербах изгледа решиле повторно да ги поместат границите на автомобилската индустрија. Германскиот гигант „Mercedes-AMG“ ги објави првите фотографии од својот нов целосно електричен „SUV“ модел, кој се базира на архитектурата на новиот „GT 4-Door“.

Најмоќната верзија „63“ ќе има три електромотори со неверојатни 1.169 коњски сили и 2.000 Nm вртежен момент. Благодарение на тоа, автомобилот ќе забрзува од 0 до 100 км/ч за само 2,4 секунди, додека максималната брзина ќе биде 300 км/ч.

И покрај огромната моќност, електричниот „SUV“ ќе има автономија до 696 километри со едно полнење.

Ќе биде достапна и верзијата „53“ со два електромотори, погон на сите четири тркала, 543 коњски сили и 800 Nm вртежен момент. Таа ќе користи батерија со капацитет од околу 106 kWh.

Посебно внимание привлекува системот за ултрабрзо полнење со еднонасочна струја со моќност до 600 kW. Според најавите, за само 10 минути на брза полначница ќе може да се обезбеди дополнителен досег од околу 534 километри.

Дизајнот е агресивен и потсетува на GT 4-Door“, но со повисока каросерија и нагласени рабови на крилата. Предниот дел има широка маска и карактеристични дневни светла со графика во форма на трикрака ѕвезда. Назад се издвојуваат две кружни светлосни единици со вграден мотив на ѕвезда.

И внатрешноста ќе биде во знакот на технологијата. Се очекуваат три екрани – 10,2-инчен дигитален кокпит, централен 14-инчен мултимедијален екран и уште еден 14-инчен дисплеј за совозачот.

Моделот ќе добие и спортски седишта, безжично полнење за два смартфони и амбиентално осветлување.

Меѓу најинтересните детали е панорамскиот покрив „Sky Control“ со електрохромна технологија. Со притискање на копче, стаклото ќе може да преминува од целосно проѕирно во затемнето, со што ќе ги намалува сончевите зраци.

Цената, целосните технички спецификации и датумот на светската премиера засега не се познати. Првите официјални фотографии, сепак, покажуваат дека премиерата на еден од најмоќните електрични „SUV“ модели на „Mercedes-AMG“ се наближува.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП