ПочетнаТЕХНОЛОГИЈАДали се враќа „MySpace“ и има ли шанси во ерата на „TikTok“?

Дали се враќа „MySpace“ и има ли шанси во ерата на „TikTok“?

Сопствениците на некогаш омилената и една од првите социјални мрежи најавуваат нов обид за оживување на „MySpace“, таргетирајќи ги корисниците заситени од алгоритмите, но пред нив е борба на презаситен пазар.

Браќата Тим и Крис Вандерхук, коосновачи на компанијата „Viant Technology3 и актуелни сопственици на „MySpace“, најавија планови за повторно активирање на некогаш исклучително популарната социјална мрежа. Во новиот документарен филм „MySpace“, во режија на Томи Авалоне, сопствениците потврдија дека се подготвуваат за ново лансирање на платформата, откако претходниот обид за нејзино оживување во 2013-та година не ги даде посакуваните резултати.

Без алгоритми и бескрајно скролање

Главниот акцент на новиот проект е создавање средина различна од онаа што денес ја нудат водечките социјални платформи. Сопствениците истакнуваат дека сакаат да понудат мрежа без алгоритамски управувана содржина и бескрајно скролање, со што би се обиделе да ги привлечат корисниците заситени од современите социјални мрежи.

И покрај препознатливоста на брендот, аналитичарите предупредуваат дека „MySpace“ се враќа во значително изменета и исклучително конкурентна средина, во која доминираат „Instagram“, „TikTok“, „Snapchat“, „X“ и „YouTube“.

Експертите нагласуваат дека привлекувањето огласувачи и вистинската публика ќе бидат клучни предизвици. Некогашните корисници на платформата денес се возрасни луѓе со помалку слободно време, додека на оние кои поминуваат часови на „TikTok“ веројатно ќе треба детално да им се објасни што бил „MySpace“ и за што би служела ваква мрежа.

Клучот е во младите

За новиот обид да успее, „MySpace“ неизбежно ќе мора да привлече млада публика, односно припадниците на генерациите „Z“ и „Alpha“, кои пораснаа со бескрајни извори на динамична содржина.

Постарите генерации, од бејби-бумерите до генерацијата „X“, во голема мера веќе се навикнати на „Facebook“, додека „MySpace“ одамна го напуштија или никогаш не го прифатија како своја платформа.

Дополнителен притисок врз новото лансирање создаваат и сè построгите законски регулативи, како и дебатите за влијанието на социјалните мрежи врз менталното здравје на младите корисници.

Во тој поглед, „MySpace“ дури би можел да има одредена конкурентска предност, барем според најавите, бидејќи не би нудел бескрајно „doomscrolling“ и алгоритми кои на корисниците постојано би им препорачувале ист тип содржина.

Сепак, останува да се види дали браќата Вандерхук ќе успеат да ја пронајдат вистинската формула и идеалниот момент за враќање на пазарот на социјалните мрежи.

Документарниот филм „MySpace“ претставува носталгичен и забавен осврт на подемот, падот и огромното културолошко влијание на првата голема глобална социјална мрежа. Филмот премиерно беше прикажан во април 2026-та година на фестивалот „Hot Docs“ во Торонто. Засега е првенствено достапен преку фестивалски проекции и специјални прикажувања, додека официјалните датуми и плановите за поширока дистрибуција сè уште не се објавени.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП