Нов автобус звучи добро, особено во град во кој патниците со години се навикнаа да гледаат во часовникот и да погодуваат дали автобусот ќе дојде за пет, дваесет или педесет минути. Најавата дека првите 30 електрични автобуси треба да пристигнат во декември годинава или во јануари 2027 година затоа сигурно ќе биде добро примена од скопјани.
Но, главното прашање е друго. Дали 30 автобуси, а подоцна и целата планирана флота, навистина ќе ја завршат долгогодишната мака со јавниот превоз?
Министерот за транспорт Александар Николоски соопшти дека тендерската постапка е завршена откако била отфрлена жалбата и дека испораката може да почне кон крајот на годинава.
„Првите 30 електрични автобуси се очекуваат да стигнат во државава во декември или во јануари“, соопшти Николоски.
Целата набавка опфаќа 150 електрични автобуси, од кои 100 се предвидени за Скопје, а 50 за останатите градови. Со автобусите треба да се набават и 75 станици за полнење. Проценетата вредност на набавката е околу 51 милион евра.
За скопјани, сепак, најважно е едно: да има автобус кога ќе застанат на постојка.
Незадоволството од јавниот превоз одамна не е тајна. Во анкета спроведена на почетокот од годинава меѓу 914 млади, дури 91,2 проценти од испитаниците одговориле дека не се задоволни или се само делумно задоволни од јавниот превоз. Само 8,9 проценти рекле дека превозот целосно ги задоволува нивните потреби. Притоа, 80 проценти од анкетираните редовно користат автобус за одење на работа, училиште или факултет.
Најчестите поплаки се добро познати: доцнење, преполни автобуси, непочитување на возниот ред и недоволен број возила. Во јавните реакции на корисниците може да се прочита и многу поконкретно незадоволство.
„Најнередовни автобуси се 9, 19 и 20. Чекаме дури по 1 час“, гласи една од реакциите на корисниците на јавниот превоз.
Бројките покажуваат зошто е така. ЈСП располага со 341 автобус, но според податоци објавени годинава, исправни биле 185, а во еден период дневно во сообраќај излегувале само околу 157 возила. Тоа значи дека 30 нови автобуси веднаш би се почувствувале на улиците, особено ако бидат распоредени на најоптоварените линии. Но, тие сами по себе тешко дека можат да бидат трајно решение.
Сообраќајните експерти одамна предупредуваат дека проблемот на Скопје не е само во староста на автобусите. Потребни се почести поаѓања, подобар распоред на линиите, побрз превоз и систем кој ќе го натера човекот доброволно да го остави автомобилот дома.
„Скопје не може да ги намали проблемите со метеж во сообраќајот, зголемено загадување, недостаток на паркинг простор“ без квалитетен јавен превоз, предупредува универзитетски професор од областа на јавниот градски превоз.
Токму тука е и клучот. Сто нови автобуси за Скопје би биле огромно освежување на возниот парк. Ќе се намалат дефектите, ќе има повеќе возила на располагање, а електричниот погон значи и помалку директно загадување од самите автобуси. Но, ако автобусот и понатаму заглавува во истиот метеж, ако возниот ред не се почитува или ако на некои линии се чека предолго, патникот нема многу да го интересира дали возилото се движи на струја, дизел или гас.
Затоа набавката е голем чекор, но не и целата работа. За скопјани вистинската промена ќе почне тогаш кога на постојка повеќе нема да се прашуваат: „Ќе дојде ли?“
Б.З.М.



