Почнувајќи од денес, секоја македонска компанија што пласира спакувана стока на пазарот на Европската Унија ќе мора да докаже дека нејзиното пакување го исполнува новиот, уникатен европски стандард.
Регулативата (ЕУ) 2025/40, попозната како PPWR, стапува на сила на 12 август и претставува една од најзначајните регулаторни промени за домашните извозници во последните години.
Регулативата за пакување и отпад од пакување (PPWR) ја заменува старата Директива за пакување 94/62/ЕЗ, која беше во сила од 1994 година.
Новите правила ги опфаќаат речиси сите видови пакување, без оглед на материјалот од кој се направени и земјата на потекло на производот, а клучната разлика не е само во содржината, туку и во правната форма: станува збор за регулатива, а не за директива, што значи дека истите правила, без никакво преведување во националното законодавство, се применуваат идентично во сите земји-членки на ЕУ од истиот ден.
Ова е важно за македонските компании бидејќи PPWR не прави разлика помеѓу производителите од ЕУ и оние надвор од неа – секој што „става амбалажа на пазарот на Унијата“, вклучувајќи ги и извозниците од Македонија, се третира како производител и подлежи на истите обврски како компанија од Германија или Франција.
Што се применува веднаш, а што е фазно
Регулативата формално стапи на сила во февруари 2025 година, но нејзината општа примена започнува на 12 август 2026 година. Сепак, добар дел од обврските се воведуваат фазно до 2040 година.
Сепак, за извозниците, најважно е она што важи одма:
-Овластен претставник во секоја земја извозник. Секоја компанија што нема свое седиште во земјата-членка во која извезува мора да назначи локално овластено лице задолжено за проширена одговорност на производителот (EPR) – и тоа одделно, за секоја земја-членка, без можност за единствена регистрација за целата ЕУ.
-Декларација за сообразност на ЕУ и техничка документација. За секој вид пакување, потребно е да се спроведе проценка на сообразноста, да се издаде декларација за сообразност и да се обезбеди следливост на пакувањето низ целиот синџир на снабдување.
-Забрана за PFAS супстанции во пакувањето на храна. Граничните вредности се 25 ppb (делови на милијарда) за поединечна целна PFAS супстанција, 250 ppb за збирот на тие супстанции и 50 ppm за вкупен органски флуор. Ограничувањето важи за сите пакувања што доаѓаат во контакт со храна, без исклучок за веќе произведените залихи.
-Регистрација во системот за проширена одговорност на производителот (EPR) во секоја земја-членка каде што се продаваат стоките, е со плаќање на надоместоци според националните шеми.
-Први ограничувања за одредени форми на пластично пакување за еднократна употреба и првите минимални проценти на рециклирана содржина за одредени категории пластично пакување.
-Ограничување на празниот простор во пратките за е-трговија на максимум 40 проценти, освен кога е технички неизбежно – особено важно за бизнисите што продаваат директно на потрошувачите во ЕУ.
Најголем притисок ќе почувствува прехранбената и индустријата за пијалоци, поради ограничувањата на PFAS и директниот контакт на пакувањето со храната, по што следат производителите на козметика и хемикалии за домаќинството, како и компаниите од секторот за пластична и хартиена амбалажа кои ги снабдуваат извозниците.
Второстепено, регулативата влијае и на сите што продаваат стоки на крајните потрошувачи во ЕУ преку сопствени веб-страници или продавници, бидејќи одредбите за минимизирање на пакувањето и празниот простор важат и за транспортот и пакувањето за е-трговија.
Од компаниите постепено ќе се бара да ја намалат количината на непотребен материјал, да користат рециклирана амбалажа и да го зголемат процентот на рециклирани суровини. Исто така, се воведуваат построги барања во врска со составот, безбедноста и етикетирањето на пакувањето.
PPWR не е еднократна пресвртница, туку серија рокови почнувајќи од август 2026 до 2040 година. За македонските извозници, ова практично значи дека усогласеноста со европскиот пазар во иднина нема да зависи само од цената и квалитетот на производот, туку и од тоа колку добро е дизајнирано, документирано и означено пакувањето во кое производот стигнува до купувачот во ЕУ, што од август повеќе нема да биде препорака, туку законска обврска.



