Нов ценовен удар би можел да стигне и до лебот и белите пецива. Пекарскиот сектор предупредува дека трошоците за производство повторно притискаат, а просторот тие да се покриваат без промена на цените станува сè помал. Засега нема најава колкаво би било евентуалното поскапување, ниту дали сите производители би ги коригирале цените, но од секторот велат дека состојбата внимателно се следи.
Најголем товар е брашното, но тука приказната не завршува. За еден леб да стигне до рафтот треба да се платат и останатите суровини, амбалажата, струјата, горивото, транспортот, работната сила. Кога неколку ставки одеднаш одат нагоре, сметката на крајот ја чувствува производителот, а потоа најчесто и купувачот.
„Доколку трендот продолжи, дел од производителите ќе мора да направат корекција на цените“, предупредуваат од пекарскиот сектор.
Посебен проблем е енергијата. Пекарниците не се дејност во која машините може едноставно да се исклучат кога струјата е поскапа. Печките работат со часови, производството почнува уште во текот на ноќта, а готовата стока потоа треба секојдневно да се развезе до продавниците. Практично, секое поместување на цените на енергенсите се пресликува врз производните трошоци.
Дека енергенсите се една од чувствителните точки за оваа индустрија беше признаено и пролетва. Во април претставниците на мелничко-пекарскиот сектор одлучија цените да останат на исто ниво до крајот на месецот, додека состојбата со нафтата и другите трошоци да се следи. Тогаш беше наведено дека ќе се бараат решенија доколку дојде до влошување на состојбата со нафтените енергенси.
Во тој период од секторот порачаа дека „цените на лебот и печивата да не се покачуваат“ и дека состојбата дополнително ќе се анализира. Неколку месеци подоцна, притисокот повторно се враќа во фокусот.
Економистите објаснуваат дека кај производи како лебот не треба да се гледа само една ставка. Поскапувањето на брашното може да биде главниот фактор, но ако истовремено растат транспортот, енергијата, платите, амбалажата или другите суровини, производителот има сè помал простор тој дополнителен трошок да го преземе врз себе.
И официјалните статистички податоци покажуваат дека притисокот врз трошоците не е целосно исчезнат. Цените на инпутите во земјоделството во јуни биле за 6,4 проценти повисоки во однос на истиот период лани, додека во јули е регистриран месечен раст на трошоците на животот од 0,1 процент.
Дополнителна неизвесност доаѓа и од светскиот пазар. Во јули повторно пораснаа цените на пченицата и на пченката, во услови на геополитички тензии и проблеми со временските услови во големите производствени региони. Главниот економист на Организацијата за храна и земјоделство при Обединетите нации предупреди и на ризик од нов бран инфлација кај храната поради конфликтите, трошоците за енергија и климатските влијанија.
За граѓаните, сепак, најважно е едно: колку ќе чини лебот на каса.
Во моментов конкретна нова цена нема. Пекарите засега зборуваат за притисок врз производството, а не за готов ценовник. Но ако брашното, енергијата и транспортот продолжат да ги зголемуваат трошоците, можноста за корекција на цените на лебот и белите пецива останува отворена.
Б.З.М.



