ПочетнаЕКОНОМИЈАЕврозоната годинава ќе расте побрзо од предвиденото

Еврозоната годинава ќе расте побрзо од предвиденото

Се очекува растот во еврозоната да забрза, откако економијата на блокот покажа изненадувачка отпорност на последиците од војната меѓу САД и Израел и Иран, покажува истражување на „Bloomberg“ меѓу аналитичари.

Според новите проценки, економијата на 21-члениот блок ќе порасне за 0,8 отсто во 2026-та година, наспроти прогнозата од 0,5 отсто во јули. Корекцијата речиси целосно го одразува посилниот резултат во периодот од април до јуни, кога бруто домашниот производ (БДП) се зголемил за 0,4 отсто – двојно повеќе од првичните очекувања.

Учесниците во истражувањето ги задржале непроменети прогнозите за следните квартали, очекувајќи раст од 0,2 отсто во третото тримесечје и постепено забрзување на економската активност потоа.

Во последните месеци регионот успеа да надмине низа предизвици, меѓу кои повисоките цени на енергенсите поради конфликтот на Блискиот Исток, трошоците и отпуштањата во европската автомобилска индустрија, шумските пожари и историски ниските нивоа на водата во клучните реки и канали.

Расположението во последно време се подобри поради обновените обиди за прекин на конфликтот на Блискиот Исток и повторното отворање на Ормускиот Теснец. Оптимизмот е поттикнат и од напорите на Германија за заживување на економскиот раст.

Според одделно истражување на „Bloomberg“, се очекува најголемата европска економија да има корист од зголемените трошоци за одбрана, што ќе помогне вкупниот економски раст да достигне 1,2 отсто во 2028-ма година, наспроти 0,8 отсто годинава. Прогнозата за 2026-та година е зголемена од очекуваните 0,6 отсто минатиот месец, повторно поради неочекувано силниот резултат во второто тримесечје.

Се очекува сеопфатниот пакет реформи договорен од владата на канцеларот Фридрих Мерц да го зголеми потенцијалот за раст на Германија на среден и долг рок.

Во исто време, компаниите низ Европа остануваат претпазливи во однос на ризиците. Некои од нив веќе предупредуваат на загуби од „десетици милиони“ евра во профитот, бидејќи ниските нивоа на водата во реките Рајна и Дунав го отежнуваат транспортот.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП