„Sony Group“ и „Taiwan Semiconductor Manufacturing Co.“ (TSMC) преговараат за заедничка инвестиција од вкупно 1 трилион јени (6,4 милијарди долари) во планираната фабрика за сензори за слика во Јапонија, објавува „Bloomberg“, повикувајќи се на извор запознаен со преговорите.
Двете компании имаат за цел производството да започне во 2029-та година, изјавил изворот, кој сакал да остане анонимен бидејќи преговорите се доверливи. Тој не навел конкретен рок за реализација на инвестицијата за која се разговара.
„TSMC“ и одделот за чипови на јапонската компанија – „Sony Semiconductor Solutions Corp“, го следат растечкото барање за роботи кои користат вештачка интелигенција и самоуправувачки автомобили, за чие функционирање се очекува да бидат потребни поголем број сензори. Во мај, партнерите објавија дека преговараат за изградба на нови производствени линии и капацитети за развој во рамките на постојната фабрика на „Sony“ за сензори за слика во Кумамото, во јужна Јапонија.
„Ова е практично инвестиција без ризик за ‘Son’ и ‘TSMC’“, изјави Хидеки Јасуда, аналитичар во „Toyo Research Advice“.
Според него, заедничкото вложување го намалува товарот за „Sony“ во сектор кој бара големи капитални инвестиции за одржување на конкурентноста, а истовремено обезбедува стабилни приходи за „TSMC“.
Акциите на јапонската компанија во понеделникот пораснаа за 2,2 отсто, додека акциите на „TSMC“ поскапеа за 1,7 отсто.
„Sony“ произведува висококвалитетни сензори за слика за компании како „Apple“, „Huawei Technologies“ и „Samsung Electronics“ и настојува да го прошири своето присуство во автомобилскиот сектор и роботиката. Заедничкото вложување е дел од напорите на компанијата да премине кон модел со помалку материјални средства во секторот на сензори, насочувајќи поголем дел од ресурсите кон интелектуална сопственост, како што се правата за дистрибуција на музика, филмски и видеоиграчки франшизи.
„Sony“, која е малцински акционер во фабриката за производство на чипови на „TSMC“ во регионот, ќе биде контролен акционер во новото заедничко вложување.
„Јапонската влада ќе разгледа можност за финансиска поддршка на проектот“, изјави министерот за трговија Риосеи Акадзава.
За преговорите претходно извести и весникот „Nikkei“.



