Природниот гас и понатаму има клучно значење за европската економија, бидејќи се користи во индустријата, за греење на објектите и за производство на електрична енергија.
Летото вообичаено е периодот кога купувачите на гас ги дополнуваат подземните складишта, користејќи ги пониските цени во споредба со зимските месеци.
Според податоците на Асоцијацијата на европски оператори на гасна инфраструктура (Gas Infrastructure Europe – GIE), европските складишта за гас во моментов се исполнети во просек 58 отсто. Тоа е најниското ниво од 2021-ва година, кога Русија почна постепено да го ограничува снабдувањето со гас за Европа.
Според Ан-Софи Корбо, истражувачка во Центарот за глобална енергетска политика при Универзитетот Колумбија, во овој период од годината вообичаеното ниво на исполнетост е меѓу 75 и 80 отсто.
Комбинација од повеќе фактори
Зад актуелната состојба стојат повеќе фактори. Според аналитичарот на „Kpler“, Роналд Пинто, Европската Унија ја завршила последната грејна сезона со резерви исполнети на само 28 отсто, што е значително помалку во споредба со претходните години.
Дополнително влијание имаше и избувнувањето на конфликтот на Блискиот Исток кон крајот на февруари, што го погоди снабдувањето со течен природен гас, вклучително и испораките од Катар што минуваат низ Ормускиот Теснец, и доведе до нагло зголемување на цените.
Во такви услови, европските купувачи одложија дел од набавките за дополнување на резервите, очекувајќи цените подоцна да се намалат, посочуваат од „Kpler“. Тоа го намали економскиот поттик за складирање гас во текот на летните месеци.
Снабдувањето останува под лупа
И покрај пониските резерви, Европската комисија соопштува дека во моментов нема непосреден ризик за безбедноста на снабдувањето со гас во текот на зимата.
Според портпарол на Комисијата, ситуацијата е различна од онаа во 2022-ра година, бидејќи Европската Унија располага со поголем капацитет за увоз на течен природен гас, додека потрошувачката на природен гас е намалена за околу 17 отсто во споредба со периодот пред почетокот на војната во Украина.
Комисијата смета дека достигнувањето на 80 отсто исполнетост на складиштата за гас и понатаму е технички остварливо и доволно за да се гарантира безбедноста на снабдувањето во текот на зимската сезона.
Експертите, сепак, предупредуваат дека ризиците остануваат значителни.
Според Антонија Син од „Rystad Energy“, ограничената достапност на течен природен гас од Блискиот Исток и понатаму претставува сериозен ризик за Европа.
Роналд Пинто, исто така, предупредува дека, иако Европа е подобро подготвена да се справи со евентуални прекини во снабдувањето, остануваат ризици поврзани со можни проблеми во испораките од Норвешка, како и со евентуални прекини на извозот на течен природен гас од САД во случај на студена зима или непланирани ремонти на производните капацитети.
Цените најверојатно ќе останат високи
Во такви услови, „веројатно ќе има зголемување на цените, особено ако Катар и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) се соочат со проблеми при извозот на течен природен гас“ преку сè уште блокираниот Ормуски Теснец, смета Ан-Софи Корбо.
Според Роналд Пинто, референтната европска цена на природниот гас „ќе остане висока до крајот на годината“, при што просечните месечни вредности се очекува да бидат меѓу 55 и 62 евра за мегават-час.
Азија, а особено Кина, која е силно погодена од кризата околу Ормускиот Теснец, директно се натпреварува со Европа за достапните количини течен природен гас, што дополнително ги зголемува цените.
„Засега гледаме дека течниот природен гас повеќе се насочува кон Азија отколку кон Европа, бидејќи цените таму се повисоки“, посочува Корбо.
На пазарот може да влијаат и други фактори, меѓу кои и тоа колку ќе биде студена зимата и количината електрична енергија произведена од ветерните електрани.
Според неа, доколку складиштата останат со пониска исполнетост, зимата биде постудена од вообичаеното и се појават дополнителни проблеми со снабдувањето, Европа повторно би можела да биде принудена да преземе мерки за ограничување на потрошувачката, слично на оние што беа преземени во 2022-ра година.



