ПочетнаЗДРАВЈЕНе ви се јаде кога е пеколно жешко? Лекарка објаснува што му...

Не ви се јаде кога е пеколно жешко? Лекарка објаснува што му се случува на телото

Повеќето луѓе се свесни дека за време на жештините потешко се спие, но влијанието на високите температури врз апетитот често останува во втор план. Многумина за време на топлотен бран забележуваат промени во навиките во исхраната и желба за поинаква храна.

Д-р Луси Хупер, лекарка по општа медицина и коосновачка на лондонската поликлиника „Coyne Medical“, за „The Independent“ ги откри причините за намалениот апетит и начините за полесно приспособување.

Како жештината влијае врз апетитот?

Д-р Хупер објаснува дека зад намалената желба за храна во текот на жештините стојат неколку телесни механизми. Една од главните причини е реакцијата на мозокот.

„Мозокот функционира како термометар. Во него се наоѓаат нервни клетки кои, кога ќе утврдат дека телото е прегреано, испраќаат хемиски сигнали за намалување на апетитот“, вели Хупер.

Намалениот апетит може да биде и последица на промените во циркулацијата додека телото се обидува да се разлади.

„Кога ни е жешко, крвта се пренасочува од дигестивниот систем кон кожата за да се поттикнат потењето и разладувањето. Тоа го забавува варењето и може да доведе до послаб апетит, а при екстремни жештини и до блага мачнина“, објаснува таа.

Врз апетитот влијаат и хормоните.

„Дебатите за лековите за слабеење, како Мунџаро, покажаа колкаво влијание имаат цревните хормони врз апетитот. За време на топлотните бранови, особено ако вежбаме, овие хормони можат дополнително да ја намалат желбата за храна“, наведува Хупер.

На крајот, тука е и прашањето за внатрешната температура на телото.

„Самото варење на храната ја зголемува внатрешната температура на телото. Ако веќе ви е жешко, природниот механизам е да избегнувате дополнително загревање што го предизвикува оброкот“, додава таа.

Кој е најчувствителен?

Не се сите луѓе подеднакво подложни на намалување на апетитот при високи температури.

„Децата и постарите лица се почувствителни на жештината и на заболувањата поврзани со неа поради нивната физиологија. Во ризичната група се и лицата со хронични заболувања, како оние со срцеви и белодробни заболувања“, вели Хупер.

„Овие симптоми почесто ќе ги почувствуваат и спортистите, како и луѓето кои работат на отворено.“

Лекарката додава дека посилно влијание може да почувствуваат и лицата кои користат лекови за регулирање на телесната тежина од групата GLP-1, бидејќи тие самите влијаат врз цревните хормони.

„Кај луѓето кои веќе имаат проблеми со апетитот и користат такви лекови, жештината може дополнително да ги намали и онака малите оброци“, објаснува таа.

Совети за полесно приспособување

Д-р Хупер нуди неколку практични совети за ублажување на овие појави.

Прилагодете го времето на оброците: Размислете за оброци во поладните делови од денот, на пример рано наутро или доцна навечер. Во потоплите земји, како Шпанија, луѓето вообичаено вечераат многу доцна.

Јадете помали, но почести оброци: Бидејќи апетитот е послаб, може да биде тешко да изедете обилен оброк. Затоа подобро е да јадете помалку, но почесто.

Хидратацијата е клучна: Пијте доволно вода, редовно и во мали голтки, без да чекате да почувствувате жед. Потемната урина и пореткото мокрење се јасни знаци дека треба да внесувате повеќе течности.

Внимавајте на изборот на храна: Ако веќе ви е жешко, голема порција топли тестенини или луто кари веројатно само ќе ја влошат состојбата. Подобро избирајте поладни јадења, како салати, лубеница или овошен сладолед. И покрај намалениот апетит, не треба да се заборави на внесот на енергија.

„На телото и понатаму му се потребни јаглехидрати и протеини, затоа внимавајте да внесувате доволно“, советува Хупер.

Мултивитамини: Доколку чувствувате дека не внесувате доволно хранливи материи, мултивитамините од аптека можат да бидат од помош, вели лекарката.

За крај, Хупер предупредува и кога е потребно да се побара лекарска помош.

„Ако забележите дека не мокрите редовно, не можете да внесете доволно течности или храна, чувствувате слабост и не можете да ги извршувате секојдневните активности, задолжително обратете се кај вашиот лекар“, заклучува таа.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП