ПочетнаЕКОНОМИЈАВодомерот не го читаат, сметката си расте: Од 1.500 денари стигнал до...

Водомерот не го читаат, сметката си расте: Од 1.500 денари стигнал до долг од над 18.000 денари

Сметката за вода со месеци доаѓа, ама човек да го прочита водомерот никаде. А кога конечно ќе се појави проблем, за граѓанинот почнува трчањето по шалтери, приговори, комисии и објаснувања. Токму на ова се жалат повеќе скопјани кои тврдат дека поради нередовно читање на водомерите добиваат паушални или погрешно пресметани фактури, а во некои случаи сумите подоцна растат со камати и завршуваат и во судска постапка.

Еден од случаите е на скопјанец кој вели дека вообичаено плаќал околу 1.500 денари за вода, но во 2024 година добил фактура од 10.700 денари. На сметката му биле пресметани повеќе од 360 кубни метри потрошена вода, иако, според неговото тврдење, реалната потрошувачка била далеку помала.

Веднаш поднел приговор и не ја платил спорната сума. Од јавното претпријатие излегле на терен и бил направен увид, по што, според него, било утврдено дека станува збор за грешка.

Тука очекувал приказната да заврши. Не завршила.


Во јануари годинава добил известување дека е тужен за спорниот износ, а на сумата во меѓувреме биле додадени и камати. Долгот, според неговите тврдења, сега надминува 18.000 денари.

„Не плаќаме вода затоа што имаме претплата, а истовремено сме тужени“, вели скопјанецот.

По тужбата повторно поднел приговор. Била испратена и комисија која повторно го проверила водомерот и сметките, но постапката не била запрена. Последниот приговор, како што тврди, го поднел пред околу еден месец и сѐ уште чека одговор.

Проблемот, според граѓаните, не е само една погрешна сметка. Велат дека водомерите не се читаат редовно, па фактурите се прават според претходна или проценета потрошувачка. Кога ќе дојде до поголема разлика меѓу пресметаната и реалната состојба, почнуваат проблемите.

Скопјанецот тврди дека откако јавно го споделил својот случај, му се обратиле и други граѓани со слични искуства.

„Само бараме некој да ни објасни за што должиме“, вели тој.

Од друга страна, во описот на работните задачи на службата за наплата од домаќинствата на ЈП „Водовод и канализација“ е наведено дека отчитувањето на водомерите се врши во периодот од 13 до 30 во месецот, а читачите треба да ги читаат водомерите и да ги доставуваат сметките за потрошената вода. Предвидени се и вонредни контроли по пристигнати жалби од корисниците.

Познавачите на потрошувачките права посочуваат дека граѓаните не треба да останат само на усна реакција на шалтер, туку за спорна сметка да остават писмена трага и да ја чуваат документацијата. Официјалните насоки за заштита на потрошувачите предвидуваат дека за проблеми со испораката на вода, високи сметки и нередовно читање на водомерите граѓаните може да се обратат и до Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги. За нереално високи сметки може најпрво да се поднесе приговор до давателот на услугата, а потоа и претставка до Народниот правобранител.

За домаќинствата проблемот е многу попрост. Никој не сака да пресметува дали сметката што му стигнала е за водата што навистина ја потрошил или за некаква проценка. Особено ако грешката од неколку илјади денари подоцна стане долг од над 18.000 денари.

Граѓаните затоа бараат едно: водомерите да се читаат редовно, приговорите да се решаваат побрзо и евентуалната грешка да не се претвора во камати, тужби и месеци одење од врата до врата.

Б.З.М.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП