ПочетнаЕКОНОМИЈАМоже ли Македонија да се најде на мапата држави со развиен алтернативен...

Може ли Македонија да се најде на мапата држави со развиен алтернативен туризам?!

Развојот на туризмот е една од најголемите маки на Македонија. Како оправдување често се наведува тоа што земјава нема море и сме мала држава. Но, како држава полна со природни богатства досега не се изнајдоа можности за подобар статус во македонската економија.

Експертот од областа на туризмот Љупчо Јаневски за Денар вели, доколку сакаме Македонија да се позиционира како препознатлива дестинација за алтернативен туризам, тогаш безбедноста мора да биде нашата најсилна конкурентска предност, а не само законска обврска. Туристот што ќе се искачи на Кораб, ќе вози велосипед низ Маврово, ќе пешачи по падините на Галичица или ќе престојува во едно мало рурално село, треба да биде уверен дека безбедносните стандарди се еднакви или повисоки од оние што ги очекува во најразвиените европски туристички дестинации.

Ресурсот сам по себе не е туристички производ. Езерото не продава туризам. Приказната околу него го продава. Планината не создава ноќевања. Активностите што се организираат на неа ги создаваат. Манастирот не го продолжува престојот. Добро осмислената културна рута го прави тоа. Токму овде Македонија најмногу заостанува. Ова се тезите на Јаневски кој со години работи на оваа тема, како земјава да се најде на светската мапа на држави кои ќе бидат асоцијација за алтернативен туризам.

„Особено е значајно туризмот да стане двигател на рамномерниот регионален развој. Денес најголемиот туристички промет е концентриран во неколку центри, додека голем број општини располагаат со значајни природни и културни ресурси што остануваат речиси непознати. Со внимателно планирање може да се развијат нови туристички производи што ќе создадат приходи и ќе го намалат иселувањето од руралните средини“, смета Јаневски.

Постои една стара изрека која вели дека природата секогаш ни испраќа сигнали, а човекот ги разбира дури тогаш кога последиците стануваат неизбежни. Денес оваа мисла звучи пореално од кога било, вели Јаневски. Тој смета дека климатските промени повеќе не се научна хипотеза или далечна закана, туку реалност што се одвива пред нашите очи.

Една од најголемите заблуди според него е верувањето дека поседувањето природни и културни ресурси автоматски значи успешен туризам. Туристичките ресурси сами по себе не се туристички производ. „Македонија располага со извонредни природни богатства, од високи планини, преку национални паркови, до езерски региони и богата биолошка разновидност, државата има потенцијал да биде препознатлива европска туристичка дестинација. Но современиот турист не патува само за да види нешто. Тој патува и за да доживее нешто“, вели Јаневски.

Кинескиот знак за криза се состои од два симболи означувајки истовремено криза и можност бидејки кризата на Блискиот Исток може да значи голема можност за голем број на други безбедни дестинации кои ќе нудат исти или слични аранжмани на исто ниво како земјите од Блискиот Исток, заклучува Јаневски.

И.П

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП