Руската држава во првата половина од 2026-та година одзела приватен имот и бизниси во вредност од 10,1 милијарди долари, што е 2,5 пати повеќе во споредба со истиот период минатата година, објавува рускиот медиум РБК.
Во првата половина од 2025-та година национализацијата опфатила имот вреден 3,95 милијарди долари. Најголемиот бизнис што годинава е одземен е од сопственикот на земјоделската компанија „Русагро“ на Вадим Мошкович, која судот ја проценил на 7,7 милијарди долари.
Податоците покажуваат дека одземањето приватни компании и имот во Русија забрзува. Во текот на целата 2025-та година биле национализирани 24 објекти со вкупна вредност од околу 11 милијарди долари, што е само нешто повеќе од износот регистриран во првите шест месеци од 2026-та година. Во 2024-та година државата одзела 10 приватни објекти вредни 3,89 милијарди долари.
Формално, сите овие мерки се спроведуваат по судски одлуки. РБК не ги наведува причините за национализациите. Сепак, руски бизнисмени за „Bloombeg“ тврдат дека претседателот Владимир Путин ѝ дал задача на Федералната служба за безбедност (ФСБ), наследникот на КГБ, да врши политички и економски притисок врз елитата и да го држи општеството под контрола.
ФСБ добива сè поголема слобода за дејствување
Според изворите на „Bloombeg“, вториот оддел на ФСБ, чија официјална задача е борба против тероризмот и заштита на политичкиот поредок, добил поголема слобода во истрагите, со минимална одговорност за своето работење.
На чело на одделот е 71-годишниот Алексеј Седов, кој се смета за близок до Путин и кој од западните власти е обвинуван за вмешаност во труењето на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални.
ФСБ во изминатиот период прогласуваше научници, физичари и истражувачи, меѓу кои и развивачи на оружје и ракети, за виновни за државна измама поради нивно учество на меѓународни научни форуми во претходните години, иако нивното учество тогаш било одобрено од државните власти.
Новинари и јавни личности се прогласуваат за „странски агенти“, а дел од нив се обвинети за екстремизам и за дискредитирање на руската армија поради ставови спротивни на политиката на Кремљ, вклучително и критики за војната во Украина.
Меѓу нив е и Борис Надеждин, еден од кандидатите на последните претседателски избори, кому не му беше дозволено да учествува на изборите. Тој подоцна беше прогласен за екстремист, откако на социјалните мрежи објави фотографија од Навални.
Путин неодамна потпиша указ со кој се овозможува имотот на лица прогласени за „странски агенти“, кои избегале во странство и биле осудени во отсуство, да биде одземен и искористен од државата.
Сè поголем притисок и врз бизнисот
Според аналитичарите, целта на Путин е да ја заштити својата власт, при што рускиот претседател, кој претходно бил директор на ФСБ, сè повеќе се потпира на методите и советите на своите поранешни колеги.
„Bloombeg“ укажува и на засилувањето на репресијата врз бизнисот. Како пример се наведува Павел Дуров, еден од основачите на „Телеграм“, кој беше прогласен за терорист.
„Телеграм“ е една од најкористените апликации во Русија. Дуров тврди дека причината за одлуката е неговото одбивање да им овозможи на руските служби пристап до кодовите на апликацијата.
Дел од Кремљ стравува дека ваквата мерка нема да биде добро прифатена во руското општество, особено по острите реакции на обидите за блокирање на „Телеграм“ во текот на пролетта.
Според изворите на „Bloombeg“, Путин до неодамна се обидувал да одржува рамнотежа меѓу тврдокорните и поумерените советници. Сега, меѓутоа, предност добиваат круговите кои се залагаат за построга контрола врз бизнисот и населението.
Како еден од показателите за ова се наведуваат критиките кон шефот на претседателската администрација Сергеј Кириенко, кој е познат по поумерен пристап и поддршка за бизнисот.
Политичкиот аналитичар Андреј Колесников за „Bloombeg“ оценува дека во моментов изгледа оти руската државна администрација, вклучително и Министерството за надворешни работи, сè повеќе се раководи од одлуките на ФСБ.
Татјана Становаја од „Карнеги Русија Евроазија“, пак, смета дека отсуството на знаци дека Путин е подготвен на отстапки во војната во Украина ги загрижува дел од луѓето во неговото опкружување, кои сметаат дека Кремљ се оддалечува од реалноста.
Атентатите дополнително го засилуваат притисокот
Експлозијата во центарот на Москва на 1-ви август дополнително ги засили повиците за построга контрола. Во експлозијата во италијанскиот ресторан „Balzi Rossi“ загинаа пет лица.
Според непотврдени информации, во ресторанот во тој момент својот роденден го прославувал командантот на руските Воздушно-космички сили, генерал Александар Чајко.
Руски опозициски медиуми објавија дека во трговскиот регистар било поднесено барање за бришење на компанија поврзана со неговиот зет Даниил Передриј, при што како причина била наведена смртта на сопственикот.
Во јавноста се појавија и фотографии од погребот на висок руски воен офицер, генералот Валериј Плохотњук, кој се смета за близок до Чајко.
Ова е само еден од серијата напади врз руски воени лица и луѓе поврзани со армијата и воената индустрија во последните месеци.
Изворите на „Bloombeg“ сметаат дека ваквите напади дополнително ги ослабуваат позициите на поумерените кругови околу рускиот претседател.
Агенцијата побарала коментар од портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, но не добила одговор.
Украинските напади ја поткопуваат сликата за контрола
Во меѓувреме, истражувања на јавното мислење покажуваат дека украинските напади длабоко во руска територија влијаат врз ставовите на населението.
Според „Левада центар“, поддршката за таканаречената „специјална воена операција“ паднала за 19 процентни поени, на 50 отсто, додека 62 отсто од Русите се изјасниле за мировни преговори.
Во дел од круговите околу Путин постои страв дека незадоволството кај руското население ќе продолжи да расте, особено во пресрет на парламентарните избори планирани за крајот на септември.
Пожарите во магацини и рафинерии, дури и на оддалеченост од околу 2.000 километри од украинската граница, дополнително ја поткопуваат тезата на Кремљ дека ситуацијата во земјата е целосно под контрола.



