Британската банкарска група „HSBC Holdings“ повторно ја активираше програмата за откуп на сопствени акции и ја зголеми целта за намалување на трошоците, откако во вториот квартал оствари подобри од очекуваното резултати, објави „Bloombeg“.
Банката со седиште во Лондон ќе откупи сопствени акции во вредност до 1 милијарда долари, откако добивката пред даноци и такси во трите месеци до јуни достигна 10,1 милијарда долари. Тоа е над консензусната проценка од 9,5 милијарди долари.
Резултатите биле поддржани и од позначајни еднократни ефекти, како и од растот на приходите од банкарските услуги и управувањето со богатството.
„Ги спроведуваме нашите стратешки приоритети со брзина, прецизност и дисциплина“, изјави извршниот директор на „HSBC“, Жорж Елхедери.
Тој додаде дека тоа им овозможува на четирите главни деловни сегменти на банката да се фокусираат на своите клучни предности, да остваруваат раст, поефикасно да соработуваат и да ги продлабочуваат односите со клиентите.
Откако ја презеде функцијата, Елхедери ги забрза промените во европската банкарска група преку продажба на средства и поедноставување на работењето. Меѓу мерките е и намалувањето на бројот на членови во управниот комитет, како и намалувањето на бројот на позиции на извршни директори.
„HSBC“ сега очекува преструктурирањето да донесе заштеда од 2 милијарди долари, што е повеќе од претходно поставената цел од 1,5 милијарди долари.
Повторното откупување на сопствените акции доаѓа по паузата најавена во октомври, кога банката соопшти дека ќе ги замрзне откупите во текот на три квартали за да ја реализира трансакцијата вредна речиси 14 милијарди долари за повлекување на „Hang Seng Bank“ од берзата.
Акциите на „HSBC“ во последните недели достигнаа рекордни вредности, откако се опоравија од падот во јуни предизвикан од ограничувањата на Пекинг за прекуграничното движење на капиталот. Тие ограничувања предизвикаа загриженост кај инвеститорите за можни проблеми во сегментот за управување со богатството.
Приливот на капитал во овој сегмент во вториот квартал се забавил на 25 милијарди долари, од 39 милијарди долари во првиот квартал. Сепак, износот е на исто ниво како и во истиот период минатата година.
Банката исто така пријавила резервирања од 1,1 милијарда долари и ја зголемила прогнозата за нето-приходите од камати во 2026-та година на најмалку 46 милијарди долари.
Елхедери го постави сегментот за управување со богатството во центарот на стратегијата за трансформација на банката, нагласувајќи ја сè поголемата важност на Хонгконг како регионален финансиски центар.
На крајот на минатиот месец, „HSBC“ се согласи да го продаде својот осигурителен бизнис во Сингапур на „Allianz“ за 2,7 милијарди сингапурски долари, односно околу 2,1 милијарди американски долари.
Од „HSBC“ тогаш соопштија дека очекуваат трансакцијата да донесе добивка пред даноци од 1,8 милијарди долари.
Акциите на „HSBC“ во понеделникот поскапеа за околу 1,4 отсто на берзата во Лондон.



