Сè повеќе информации се појавуваат за мистериозниот хардверски проект на компанијата „OpenAI“, а според последните наводи веќе се знае и за каков уред станува збор.
Доколку гласините се покажат како точни, „OpenAI“ во наредниот период би можел да претстави сопствен паметен звучник во кој ќе биде вграден „ChatGPT“.
За разлика од класичните паметни звучници, новиот уред би требало да биде премиум производ со цена меѓу 300 и 400 долари. Тоа го става во значително поскапа категорија во споредба со моделите „Amazon Echo“ или „Google Nest“.
Според достапните информации, уредот ќе биде приближно со големина на „хокеарски пак или крофна“ и нема да има екран.
Наместо тоа, ќе располага со камера, микрофони и звучници, а ќе работи на батерија, што ќе овозможи лесно да се пренесува од една во друга просторија.
Една од поинтересните карактеристики е тоа што звучникот ќе има и подвижни механички делови кои визуелно ќе покажуваат кога уредот слуша или одговара на командите.
„ChatGPT“ како домашен асистент
Идејата на „OpenAI“ е да создаде наменски уред кој ќе служи како физички „дом“ за „ChatGPT“.
Начинот на работа би требало да биде сличен на гласовниот режим на „ChatGPT“, кој веќе е достапен на „iPhone“, но со постојана достапност во домот.
Се очекува уредот со текот на времето да ги учи навиките на корисникот, да ги препознава неговите барања и да обезбедува поперсонализирана помош во секојдневните активности.
Според медиумските наводи, голем дел од развојот е насочен кон премиум дизајнот на уредот, кој се создава во соработка со познатиот дизајнер Џони Ајв, поранешен главен дизајнер на „Apple“.
Токму поради употребата на квалитетни метални материјали се очекува цената на уредот да биде меѓу 300 и 400 долари.
Доколку се појави на пазарот, ова би бил првиот хардверски производ на „OpenAI“ наменет за широка публика.
Неговиот успех во голема мера ќе зависи од тоа дали корисниците ќе бидат подготвени да издвојат неколку стотици долари за уред чија главна функција ќе биде да служи како постојано достапен асистент со вештачка интелигенција во домот.



