Времето кога семејствата бараа стан од 90 или 100 квадрати, со голема дневна соба, две спални и уште една „за секој случај“, полека останува зад нас. Купувачите денес многу почесто прашуваат колку е најмалиот функционален стан, колкава ќе им биде месечната рата и колку ќе ги чини неговото одржување. Истото се случува и со куќите. Наместо класична градба со години, мајстори и непредвидени трошоци, сè повеќе луѓе се распрашуваат за монтажен дом што може побрзо да се изгради и полесно да се вклопи во семејниот буџет.
Од агенциите за недвижности велат дека најлесно се продаваат гарсониери и помали двособни станови. Големите станови имаат свои купувачи, но кругот е значително потесен.
„Луѓето веќе не доаѓаат со барање да биде што поголем станот. Првото прашање е колку чини квадратот, а веднаш потоа колкави се вкупните трошоци. Најбарани се становите што можат рационално да се искористат, без многу неискористен простор“, велат познавачи на пазарот на недвижности.
Причината е прилично едноставна. Цените на становите се високи, а со поголемата квадратура растат и другите трошоци. Поголема рата за кредит, поскапо греење и ладење, повисоки сметки, повеќе мебел.
Математиката си го прави своето.
Економистите посочуваат дека купувачите последниве години станале многу попретпазливи и сè поретко се задолжуваат за простор што реално не им е потребен.
„Ако едно младо семејство може нормално да функционира во 45 или 50 квадратни метри, тешко е да го убедите да купи 80 квадрати само затоа што некогаш тоа се сметало за подобра инвестиција. Луѓето гледаат колкав товар можат да поднесат секој месец“, велат економските аналитичари.
Особено се бараат малите станови во близина на централните градски подрачја, факултетите и деловните зони. Дел ги купуваат млади брачни двојки, дел родители за своите деца, а има и купувачи што гледаат на гарсониерата како инвестиција за издавање.
Од друга страна, надвор од градските центри се појавува уште еден тренд. Монтажните куќи.
Фирмите што се занимаваат со ваква градба велат дека интересот расте, особено кај луѓе што веќе имаат плац и не сакаат да влегуваат во долга и скапа класична градба.
„До пред неколку години најчесто прашуваа за викендички. Сега луѓето бараат монтажни куќи за постојано живеење, најчесто од 50 до 80 квадратни метри. Сакаат две спални, дневна, бања и мала тераса. Ништо огромно“, велат градежници што работат со монтажни системи.
Токму брзината е еден од главните адути. Кај класичната куќа работите лесно знаат да се развлечат. Темели, ѕидање, покрив, инсталации, фасада, мајстори што доаѓаат и си одат. Кај монтажните објекти процесот е поорганизиран и, во зависност од проектот, значително пократок.
Сепак, градежните стручњаци предупредуваат дека евтината понуда не значи секогаш и добра зделка.
„Купувачот мора да провери што точно влегува во цената. Дали има темел, изолација, инсталации, фасада, транспорт, монтажа. Понекогаш почетната цена изгледа многу ниска, а потоа се појавуваат дополнителни ставки“, велат градежни експерти.
И кај становите приказната е слична. Евтин квадрат на хартија не значи многу ако станот бара дополнителни вложувања, ако има високи режиски трошоци или ако половина од просторот е лошо искористен.
Затоа купувачите сè повеќе мерат, пресметуваат и споредуваат.
Помал стан, но на добра локација. Помала куќа, но со свој двор. Помалку квадрати, помал кредит.
На пазарот, барем засега, токму тоа најбрзо поминува.
Б.З.М.



