ПочетнаЕКОНОМИЈАСметката ја кажуваат на уво, парите ги ставаат в џеб

Сметката ја кажуваат на уво, парите ги ставаат в џеб

Десет ќебапи, една салата и две сокчиња. Сметката се кажува на глас, парите се оставаат на маса, келнерот ги зема и си заминува. Фискална сметка нема. Ако гостинот не ја побара, голема е веројатноста дека воопшто нема ни да ја добие.

Ваквите сцени, според реакциите на граѓаните, не се реткост во угостителските објекти, особено во летните месеци, кога рестораните, кафеаните и локалите работат со полна пареа. Но неиздавањето фискални сметки не завршува кај скарата и кафето. Граѓани посочуваат дека истата практика ја забележуваат и во фризерски салони, автомеханичарски работилници, сервиси, приватни паркинзи, бутици, па и во дел од продавниците.

„Нарачавме десет ќебапи, салата и пиво. Плативме, но сметка не добивме. Кога прашавме, ни рекоа дека касата нешто заглавила. По пет минути на соседната маса повторно наплатија без сметка“, раскажува граѓанин кој неделава бил во угостителски објект.

Од Управата за јавни приходи информираат дека контролите продолжуваат и дека обврската за издавање фискална сметка важи за секој регистриран готовински промет, без разлика дали станува збор за поголема сума или за едно кафе.

Во првите шест месеци од годинава инспекторите извршиле 2.006 проверки. При контролите биле утврдени неправилности поради кои била изречена 751 санкција. Тоа значи дека кај повеќе од една третина од проверените субјекти биле пронајдени прекршувања.

Најчестите неправилности се поврзани со неиздавање фискални сметки, непријавен промет, неправилно водење на касата и несогласување меѓу евидентираната и затекнатата готовина. Во одредени случаи следуваат парични казни, а кога прекршувањата се повторуваат или се потешки, може да биде изречена и привремена забрана за вршење дејност.

Од УЈП апелираат граѓаните да бараат фискална сметка при секое плаќање во готово и да ги пријавуваат случаите кога трговецот или угостителот одбива да ја издаде.

Економистите велат дека проблемот не е само во тоа што некој не добил хартиено ливче за ручекот. Зад неиздадената сметка најчесто стои непријавен приход, а со тоа и помалку платен данок.

„Кога еден субјект го крие прометот, тој добива неправедна предност пред оној што работи законски, ги пријавува приходите и ги плаќа обврските. Тоа создава нелојална конкуренција и ги казнува чесните бизниси“, објаснува економски аналитичар.

Познавачите на даночната проблематика посочуваат дека дел од сопствениците намерно не ја вклучуваат касата за секоја нарачка, особено кога има голема гужва. Во други случаи, фискалната сметка се издава само доколку гостинот ја побара. Се оди на старата сметка, можеби ќе помине.

„Не постои мала или неважна продажба. И за десет ќебапи, едно кафе или една фризерска услуга мора да се издаде сметка. Прописот не прави разлика според износот“, велат даночни познавачи.

Граѓаните, пак, забележуваат дека контролите треба да бидат почести и да не се сведуваат само на неколку познати улици или туристички места. Според нив, потребно е инспекторите да влегуваат и во помалите локали, маалските сервиси и сезонските објекти, каде што наплатата без фискална сметка често се смета за нешто вообичаено.

А токму тука е проблемот. Кога сметката не се бара, а никој не ја ни нуди, неиздавањето полека станува правило. Десет ќебапи денес, неколку поправки утре, десетици непријавени промети до крајот на месецот. На крајот, касата можеби молчи, но бројките не.

Б.З.М.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП