Германската компанија „Bayer AG“ оствари неочекуван раст на добивката во вториот квартал од годината, поттикнат пред сè од силното работење на нејзиниот земјоделски сектор „Crop Science“, пренесува „Bloomberg“.
Коригираната добивка пред камати, даноци, амортизација и обезвреднување (EBITDA) пораснала за 1,9 отсто, на 2,14 милијарди евра, соопшти во вторникот една од најголемите германски мултинационални компании во областа на здравството и земјоделството. Резултатот е над просечната прогноза од 1,93 милијарди евра, според анкетата на „Bloomberg“ меѓу аналитичарите.
Добивката на одделот „Crop Science“ скокнала за 30 отсто, делумно благодарение на зголемената побарувачка за семе од соја, како и на поголемиот обем на продажба и повисоките цени на хербицидите на база на глифосат.
Неодамна „Bayer“ го издвоил американскиот бизнис со глифосат во посебна компанија, наречена „Ruveon“. Потегот се смета за обид за ограничување на правните ризици поврзани со овој производ.
Откако ја презеде функцијата во средината на 2023-та година, извршниот директор на „Bayer“, Бил Андерсон, се справува со последиците од големиот број судски постапки поврзани со средството за уништување плевел „Roundup“. Во исто време, тој се обидува да ги подобри резултатите на целата група преку намалување на бројот на менаџерски нивоа и укинување на илјадници работни места.
Андерсон се обврза значително да ја намали правната неизвесност до крајот на годинава преку повеќеслојна стратегија, вклучително и постигнување спогодби.
„Bayer“ ги наследи судските спорови по преземањето на „Monsanto“ во 2018-та година, а досега има исплатено повеќе од 10 милијарди долари за решавање на тужбите поврзани со „Roundup“.
Во јуни „Bayer“ доби поволна одлука од Врховниот суд на САД, со која беше ослабен клучен аргумент што стои во основата на повеќето тужби поврзани со „Roundup“.
„Нашата стратегија за ограничување на ризикот е во силна позиција, а пред нас се неколку важни пресвртници“, изјави Андерсон.
Следната голема судска одлука која „Bayer“ и нејзините инвеститори ја очекуваат е рочиштето на 19-ти август пред судот во Мисури, поврзано со предложената спогодба од 7,25 милијарди долари. Со неа компанијата има намера да ги опфати сегашните и идните тужби поврзани со „Roundup“. Засега „Bayer“ има добиено само прелиминарно одобрение за спогодбата.
Во фармацевтскиот сектор „Bayer“ се соочува со зголемена конкуренција од генеричките лекови. Продажбата на лекот за разредување на крвта „Xarelto“ во вториот квартал паднала за 42 отсто, додека проблеми има и со лекот за очни заболувања „Eylea“.
Компанијата се надева на лекот против рак „Nubeqa“, терапијата за бубрежни заболувања „Kerendia“, како и на новите производи, со кои има цел повторно да го стави фармацевтскиот сектор во фаза на раст до 2027-ма година.



