„Lamborghini“ ја претстави специјалната серија „Revuelto Miura 60° Homage“, со која одбележува 60 години од претставувањето на легендарниот модел „Miura“.
Премиерата ќе се одржи во рамки на манифестацијата „Monterey Car Week“, а производството ќе биде ограничено на само 99 примероци.
Специјалната верзија е развиена од одделот „Ad Personam“, задолжен за персонализација на возилата.

На купувачите ќе им бидат понудени девет бои на каросеријата инспирирани од оригиналната „Miura“, со контрастни детали во златна или сива боја, ексклузивни фелни и ознаки „Miura 60“ на праговите.
Внатрешноста носи седишта со мотиви инспирирани од оригиналната „Miura“, дополнителни кожни облоги, вез „Miura 60“ и плочка со потврда дека станува збор за еден од само 99 произведени автомобили.

Под каросеријата нема промени. „Revuelto Miura 60° Homage“ го придвижува познатиот plug-in хибриден систем, кој комбинира атмосферски 6,5-литарски V12 мотор, три електромотори и осумстепен менувач со двојна спојка.
Вкупната моќност изнесува 1.015 коњски сили (747 kW), што му овозможува на овој хиперавтомобил од 0 до 100 километри на час да забрза за само 2,5 секунди, додека максималната брзина надминува 350 километри на час.

Од компанијата велат дека специјалната серија претставува спој на богатата историја на брендот и современите можности за персонализација, по кои „Lamborghini“ денес е препознатлив.



