Македонското земјоделство се наоѓа во длабока криза и затоа се неопходни итни и коренити промени за да се спаси домашното производство на храна и да се спречи целосниот колапс на аграрниот сектор. Ова е ставот на Националната земјоделска мрежа.
Земјоделците сметаат дека првиот чекор кон решенијата бара итна изработка на национална стратегија за развој на земјоделието која ќе биде долгорочна и заснована врз стручни анализи, а не врз дневна политика. Оваа стратегија според нив треба да опфати временски хоризонт од барем десет години за да можат земјоделците сигурно да ги планираат своите инвестиции и идни реколти без страв од ненадејни промени на правилата.
Како една од клучните мерки е воведување на строга заштита на домашниот пазар од неконтролираниот и нелојален увоз кој ги уништи домашните производители токму во периодот на бербата. Земјоделците велат дека инспекциските служби мора теренски и бескомпромисно да вршат контроли на квалитетот и потеклото на увезените производи додека државата треба да применува привремени царински мерки и квоти кога домашниот пазар е заситен со сопствено производство. Само на овој начин трудот на македонскиот земјоделец нема да биде обесценет преку ноќ со евтина и сомнителна стока од странство.
„Таму каде што се потребни реформи е системот на субвенционирање кој мора темелно да се ревидира за да стане вистинска инвестициона поддршка, а не социјална помош. Субвенциите мора да се исплаќаат навремено директно на сметките на вистинските примарни производители врз основа на остварено производство и предадена количина, а не само според пријавена површина. Административните процедури за добивање на овие средства мора максимално да се поедностават, а контролите да бидат строги за да се спречи каква било злоупотреба на државните пари“, велат од националната земјоделска мрежа.
Многу важен сегмент за земјоделците е решавање на проблемот со пласманот и монополите преку воспоставување на реален и функционален пазар со јасни правила за договорно производство. Државата велат дека мора да биде гарант дека договорите помеѓу откупувачите и земјоделците ќе се почитуваат а секое незаконско условување или доцнење на исплатата од страна на големите откупни центри мора да биде строго санкционирано од институциите. Исто така додаваат дека неопходно е отворање на нови државни откупни и собирни центри опремени со ладни комори каде што земјоделците можат безбедно да го складираат вишокот на својот род.
„Потребна е и модернизација на инфраструктурата и борба против климатските промени кои секоја година носат огромни штети на реколтите. Владата мора итно да инвестира во целосна реконструкција и проширување на постојните системи за наводнување како и во воведување на модерни и беспрекорно функционални системи за целосна противградска заштита низ сите региони. Научните институти и земјоделските факултети мора да бидат вклучени во креирањето на секоја мерка бидејќи само со стручен пристап и користење на нови агротехнички мерки може да се зголеми приносот и квалитетот“, сметаат од Националната земјоделска мрежа
Поддршката за развој на преработувачките капацитети се исто така вашен дел во оваа дејност се со цел да се поттикне извозот на готови производи со висока додадена вредност наместо извоз на евтини суровини. Преку давање на даночни поволности и грантови за отворање на мали семејни претпријатија за преработка на храна селата можат повторно да оживеат и да им понудат перспектива на младите луѓе. Само со целосно заокружување на процесот од нива до трпеза македонскиот аграр може да опстане и да стане стабилен столб на националната економија.
И.П



