Американскиот претседател Доналд Трамп повторно го користи својот омилен начин на притисок – со закани за истраги и нови царини против Европската Унија (ЕУ), овојпат поради глобата од 1 милијарда долари што Европската комисија (ЕК) му ја изрече на „Google“, како и поради правилата за формирање на цените на лековите во Германија.
Сепак, овојпат Брисел реагира многу поинаку од претходните месеци – воздржано, без да влегува во тонот на Трамп и без да му дозволи тој да ги диктира правилата, пишува американскиот магазин „Politico“ во своја анализа.
Според анализата, тоа покажува дека Европската Унија станала помалку подложна на тактиките на притисок на американскиот претседател. На почетокот на годината европските лидери се увериле дека единствениот став за Гренланд не довел до нарушување на односите со САД, а во исто време позицијата на администрацијата на Трамп изгледа ослабена.
Врховниот суд на САД укина голем дел од царините воведени од администрацијата во Белата куќа во 2025-та година, а новите трговски ограничувања се оспоруваат пред судовите.
Рејтингот на Трамп опаднал по почетокот на војната во Иран, а Републиканската партија, која го номинираше за претседател, би можела да го загуби мнозинството во Сенатот на претстојните меѓуизбори во ноември.
„Во моментов ЕУ работи на стратегија за добивање време“, изјави европратеникот Бернд Ланге, член на Комисијата за меѓународна трговија на Европскиот парламент.
Според него, европските земји се обидуваат да избегнат директна конфронтација и да продолжат со дијалог преку форуми, консултации и активности во области каде што е можна соработка.
Во Брисел сфатиле дека јавните судири се дел од стилот на преговарање на Доналд Трамп и затоа сега претпочитаат разговори на „техничко ниво“.
„Politico“ потсетува дека минатата година европските држави остро реагираа на заканите на Трамп со царини кои во одредени моменти достигнуваа и до 50 отсто, за на крај да биде постигнато трговско примирје во голф-одморалиштето на Трамп во Шкотска.
Тогаш претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, се согласи на царини до 15 отсто за европските производи што се извезуваат во САД.
Извори на „Politico“ наведуваат дека Европскиот парламент го иритирал Вашингтон со одложување на ратификацијата на договорот и со усвојување заштитни клаузули во случај САД да го променат својот став.
Сепак, Европа на крајот го исполнила својот дел од договорот, со што некои индустриски и земјоделски производи од САД добиле можност да влегуваат во ЕУ без царини.
Стратегијата на Европската Унија не е само добивање време, туку и избегнување директни разговори меѓу Трамп и европските лидери, јавни конфликти и закани преку социјалните мрежи. Наместо тоа, Брисел се насочува кон технички преговори.
САД, сепак, најверојатно ќе започнат проверки најмалку во однос на европската дигитална политика, како и правилата за цените на лековите во Германија.
Со тоа Вашингтон допира до многу чувствителни области за ЕУ – даноците, здравството и политиката на конкуренција, кои во Унијата се сметаат за симбол на самостојното носење одлуки.



