Германската банка „Commerzbank“, која сè повеќе се приближува кон целосно преземање од страна на италијанскиот конкурент „UniCredit“, во вториот квартал забележа раст на нето-добивката од 94 отсто. Резултатите се подобри од очекувањата на аналитичарите, поттикнати од поголемите приходи од провизии.
Нето-добивката на банката во периодот од април до јуни изнесувала 898 милиони евра, што е речиси двојно повеќе во споредба со 462 милиони евра остварени во истиот период минатата година.
Аналитичарите очекуваа добивка од 845 милиони евра, според консензуалната прогноза објавена од самата банка.
„Commerzbank“ истовремено најави и нова програма за откупување сопствени акции во вредност до 1,2 милијарди евра.
„Се развиваме профитабилно, инвестираме во нашата иднина и секојдневно ја докажуваме силата на нашиот бизнис пред клиентите“, изјави извршната директорка на германската банка, Бетина Орлоп.
Двегодишната борба за сопственоста на втората по големина банка во Германија доби нов пресврт откако „UniCredit“ започна обид за непријателско преземање вредно 45 милијарди евра, а раководството на „Commerzbank“ испрати сигнали дека можно е повторно да се разгледа обединување на двете банки.
Сепак, Орлоп во четвртокот изјави дека италијанската банка, и покрај големиот удел што веќе го поседува, не може „еднострано да одлучува за фундаментални структурни мерки“.
„Ова создава јасна одговорност за двете страни. Потребно е заедничко разбирање за деловниот модел и посветеност од сите акционери“, посочи таа.
Орлоп и нејзиниот тим во принцип се против целосно спојување, но „Commerzbank“ сепак порача дека стратегија развиена заедно со „UniCredit“ би можела да биде корисна за инвеститорите.
„Заедничкиот пристап има потенцијал да создаде вредност“, се наведува во презентацијата на банката, со напомена дека тоа би барало „заеднички развиена стратегија заснована на постојните деловни модели“.
„Commerzbank“ во моментов е под засилен притисок од „UniCredit“, предводена од извршниот директор Андреа Орчел, која се подготвува да го зголеми својот удел во германскиот кредитор на близу 50 отсто.
Орчел најави длабоки промени доколку добие целосна контрола врз компанијата, но дел од неговите предлози наидуваат на силно противење од Орлоп.
Двете банки наскоро треба да започнат разговори кои би можеле да траат со месеци. Според „Bloomberg“, средбите ќе се одржат преку видео разговор по објавувањето на финансиските резултати, откако претходните контакти меѓу претставниците на двете компании само ги продлабочиле разликите.



