ПочетнаАВТОБИЗ„Skoda“ почна производство на својот најнапреден „SUV“ досега (ФОТО)

„Skoda“ почна производство на својот најнапреден „SUV“ досега (ФОТО)

„Skoda“ официјално го започна сериското производство на целосно новиот модел „Peaq“, кој претставува најголемиот и технолошки најнапредниот електричен „SUV“ во историјата на чешкиот производител.

Новиот модел се произведува во фабриката во Млада Болеслав, каде од производните ленти излегуваат и електричните модели „Enyaq“ и „Elroq“, како и „Octavia Combi“ со мотори со внатрешно согорување. Со тоа „Skoda“ продолжува со трансформацијата на производството за да одговори на растечката побарувачка за електрични возила.

Иако на пазарот пристигна дури во јуни, „Peaq“ веќе привлече големо внимание кај купувачите. До крајот на јули биле забележани речиси 8.500 нарачки, што претставува силен почеток за новиот предводник на електричната понуда на „Skoda“.

Моделот е наменет за купувачи кои бараат простран семеен „SUV“, но со повеќе премиум карактеристики и модерни технологии.

Најголемата батерија во историјата на „Skoda

Најмоќната верзија на новиот „Peaq“ користи батерија со капацитет од 91 kWh бруто (86 kWh нето), што е најголемата батерија некогаш вградена во електричен автомобил на „Skoda“.

Според фабричките податоци, возилото може да помине повеќе од 640 километри со едно полнење.

На купувачите ќе им биде понудена и помала батерија од 63 kWh бруто (59 kWh нето), додека електромоторите ќе развиваат моќност меѓу 150 и 220 kW.

Во понудата ќе има верзии со погон на задните тркала, но и модели со погон на сите четири тркала. Интересно е што системите за батерии се произведуваат токму во фабриката во Млада Болеслав.

„Peaq“ е развиен на платформата „MEB“ на „Volkswagen“, која веќе се користи кај моделите „Enyaq“ и „Elroq“, што овозможува поефикасно производство и споделување технологии во рамките на групацијата „Volkswagen“.

Со должина од 4,87 метри и меѓуоскино растојание од речиси три метри, „Peaq“ станува најголемиот модел што „Skoda“ го развила откако е дел од „Volkswagen“ групацијата.

Премиум опрема и нови технологии

Покрај пространата кабина, новиот „SUV“ носи и неколку технологии кои за првпат се појавуваат кај некој модел на „Skoda“.

Меѓу нив се скриените рачки на вратите, панорамскиот покрив со систем „Dynamic Shade Control“, кој електронски го регулира затемнувањето на стаклото, како и можноста за двонасочно полнење.

Оваа технологија му овозможува на автомобилот да напојува надворешни електрични уреди, па дури и цело домаќинство.

Со моделот „Peaq“, „Skoda“ сака дополнително да ја зацврсти својата позиција на пазарот на електрични автомобили и да влезе во сегментот на големи електрични „SUV“ возила, каде ќе се натпреварува со бројни европски и кинески конкуренти.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП