ПочетнаЕКОНОМИЈАМакедонците сè поретко го избираат бугарското море: Сончев Брег, Созопол и Несебар...

Македонците сè поретко го избираат бугарското море: Сончев Брег, Созопол и Несебар останаа без старите гости

Некогаш автобусите за Сончев Брег се полнеа уште во јуни. Се бараше кревет повеќе, се споредуваа хотелите, а Несебар и Созопол беа редовна тема во разговорите пред годишните одмори. Денес сликата е поинаква. Македонски таблици на бугарското Црноморје има, но далеку поретко, а организираните летувања што некогаш привлекуваа цели семејства сега се сведени на мал број аранжмани и поединечни патувања.

Официјалните бројки покажуваат дека посетите од Македонија во Бугарија не исчезнале. Во 2025 година биле регистрирани 418.293 влегувања на македонски државјани, наспроти 406.199 во 2024 година. Но тие податоци ги опфаќаат сите патувања, од деловни и семејни посети до транзит и краток престој. Во главните летни месеци нема позначителен раст. Во јули 2025 година биле забележани околу 34.000 посети, речиси исто како една година претходно, додека во август бројката била малку пониска. Тоа значи дека Бугарија и натаму се посетува, но не се враќа како голема летна приказна за македонските туристи.

На терен тоа се забележува лесно. На шеталиштата во Сончев Брег почесто се слуша романски, полски, германски или англиски јазик. Во Созопол и Несебар има туристи од целиот регион, но групите од Македонија, кои порано се препознаваа по автобусите и големите семејни друштва, сега се бројат на прсти.

Познавачите на туристичкиот пазар велат дека причината не е само една.

„Бугарското Црноморје веќе не е единствената евтина алтернатива. Македонските граѓани имаат многу поголем избор, полесно споредуваат цени и најчесто бараат место до кое ќе стигнат побрзо“, оценуваат туристички работници.

Грција ја има најголемата предност. Блиску е, позната е, а голем дел од семејствата можат да заминат со сопствен автомобил и да останат колку што им дозволува буџетот. Пет дена, седум дена, продолжен викенд. Нема врзување за смена од десет ноќевања, ниту цел ден возење до морето.

Во игра сè повеќе се и Албанија и Турција, каде што туристичките агенции нудат различни пакети, од евтини апартмани до хотели со целосна услуга. Избор има насекаде. Тоа што некогаш беше предност на Бугарија, денес го нудат уште неколку земји.

Цената, секако, останува важна. Бугарското Црноморје и натаму се смета за конкурентна дестинација, но пред сезоната 2025 беа најавени поскапувања на хотелите и пакетите од 10 до 15 проценти. Во исто време, Бугарија бележи раст на странските туристички посети. Во 2025 година бројот на странски посети за одмор пораснал за 4,29 проценти, а во сместувачките капацитети биле регистрирани повеќе од 9,5 милиони туристи. Значи, гости има. Само македонскиот пазар повеќе не е толку силен на морето.

„Кога едно семејство ќе ги собере горивото, патарините, храната по пат и часовите поминати во автомобил, разликата во цената веќе не изгледа толку голема. Туристот не плаќа само хотел, туку и време. Секако, и политичката ситуација игра голема улога“, објаснуваат економистите.

Постои и уште една работа. Навиката.

Последните години Грција стана речиси продолжение на домашната летна сезона. Се резервира директно, се оди кај ист газда, се знае плажата, продавницата и ресторанот. Бугарија, пак, остана подалечна и помалку присутна во понудите што секојдневно ги гледаат македонските граѓани.

Сончев Брег и понатаму е полн. Несебар навечер повторно врие од луѓе, а Созопол не останува без гости. Само што меѓу нив има сè помалку Македонци. Не затоа што бугарското море преку ноќ станало лошо или недостапно, туку затоа што за македонскиот турист веќе не е првиот избор.

Б.З.М.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП