ПочетнаЕКОНОМИЈАЗапалените рафинерии ја забавуваат руската економија и ја зголемуваат инфлацијата

Запалените рафинерии ја забавуваат руската економија и ја зголемуваат инфлацијата

Запалените рафинерии ќе имаат видливо негативно влијание врз руската економија, покажува записникот од дискусиите на Централната банка на Русија од последната седница одржана во јули.

Тогаш институцијата ја намали основната каматна стапка за 0,25 процентни поени, на 14 проценти, но од разговорите е видливо дека до крајот на годината се очекува ново зголемување, на ниво меѓу 14,5 и 14,6 проценти.

Причината за тоа е очекуваното забавување на економскиот раст и зголемувањето на инфлацијата, за што како фактор се посочуваат нападите со украински беспилотни летала. Поради нападите од почетокот на годината, Русија изгубила дел од капацитетот за преработка на нафта, што влијае не само врз недостигот на горива, туку и врз работата на други индустрии, вклучително и врз производството на сурова нафта.

Украинските напади врз пристанишните терминали и бродовите во Азовското и Црното Море дополнително ги ограничуваат можностите за извоз на нафта, како и на други производи, меѓу кои и житните култури. Според проценките, тоа ќе има дополнително негативно влијание врз економскиот раст на Русија.

Централната банка ја намали прогнозата за економскиот раст на Русија за 2026-та година за 0,5 процентни поени и сега официјално очекува раст меѓу 0 и 1 процент. Во исто време, инфлацијата се забрзува поради повисоките цени на горивата, а проценките се дека годинава ќе достигне меѓу 6 и 7 проценти. Се очекува поскапувањето на бензинот само по себе да придонесе за дополнителни 1,5 процентни поени во растот на цените.

Од записникот се гледа и дека меѓу членовите на Централната банка постоела дебата дали последиците од украинските напади ќе бидат привремени. Дел од учесниците сметаат дека ефектите ќе исчезнат до крајот на годината, но други предупредуваат дека обновата на рафинериите и на оштетената инфраструктура може да трае подолго од очекуваното, поради што проблемите би можеле да продолжат и во текот на 2027-ма година.

Според документот, понатамошниот развој ќе зависи од можностите за увоз на горива и прераспределба на резервите, со што би се ограничило влијанието врз останатите индустриски сектори.

Во записникот не е опфатено влијанието од подоцнежните напади врз логистичките центри и магацините на компанијата „Вајлдберис“ (Wildberries), бидејќи седницата на Централната банка се одржала пред тие напади да се интензивираат. Затоа, во анализата не се пресметани последиците од уништената инфраструктура и прекините во синџирите на снабдување.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП