ПочетнаЕКОНОМИЈААмериканската економија веќе е зависна од AI

Американската економија веќе е зависна од AI

Американската економија сè повеќе се потпира на инвестициите во вештачка интелигенција, кои веќе стануваат еден од главните фактори за економскиот раст, градежната активност и потрошувачката во САД, пишува во својата анализа весникот „Волстрит журнал“.

Технолошките компании инвестираат стотици милијарди долари во центри за податоци, специјализирани чипови и компјутерска инфраструктура, а голем дел од овие трошоци ги финансираат преку издавање обврзници вредни милијарди долари.

Брзата изградба на центри за податоци ја поттикнува градежната индустрија, создава нови работни места и ги зголемува приходите на локалните власти. Во исто време, силниот раст на вредноста на акциите на производителите на чипови и други компании поврзани со развојот на вештачката интелигенција го зголемува богатството на американските домаќинства и ја поддржува потрошувачката.

Според економистот Мајкл Пирс од „Оксфорд Економикс“, сите овие фактори веројатно објаснуваат околу една третина од неодамнешниот економски раст на САД.

„Во моментов економијата во голема мера е движена од вештачката интелигенција“, коментира економистот на „Барклис“, Џонатан Милер. Според него, без овој поттик американската економија немаше да биде толку стабилна.

Податоците за движењето на бруто домашниот производ (БДП), објавени минатата недела, покажуваат дека инвестициите во софтвер, центри за податоци, компјутерска и комуникациска опрема продолжуваат да растат. Доколку сегашното темпо продолжи во текот на целата година, овие инвестиции ќе достигнат околу 1,5 трилиони долари, во споредба со приближно 1 трилион долари пред две години.

Дополнителен сигнал за бумот дадоа и податоците на Министерството за трговија на САД. Во јуни, годишната вредност на градежните инвестиции во центри за податоци достигнала 68,3 милијарди долари, што е за 21,5 милијарди долари повеќе во споредба со една година претходно. Во истиот период, инвестициите во сите други видови приватни градежни проекти – станбени објекти, деловни згради и болници – се намалиле за 101,6 милијарди долари.

Коментарите во јулското истражување на Институтот за управување со набавки (ISM) исто така покажуваат силна побарувачка поврзана со развојот на вештачката интелигенција.

Економистите забележуваат дека не сите технолошки инвестиции се директно насочени кон вештачката интелигенција, но нејзиниот развој поттикнува и дополнителни трошоци – за системи за ладење, резервно напојување со електрична енергија и друга инфраструктура.

БДП и берзата

Дел од овие инвестиции, сепак, не придонесуваат директно за американскиот БДП, бидејќи значителен дел од опремата се увезува. Само во првите пет месеци од оваа година, САД увезле компјутерска опрема, полупроводници и електронски компоненти од Тајван во вредност од околу 90 милијарди долари, во споредба со само 20 милијарди долари една година претходно.

Дополнително, наглото зголемување на цените на специјализираните чипови значи дека компаниите добиваат помала реална продуктивност за истите вложени средства.

И покрај тоа, Пирс проценува дека само инвестициите во вештачка интелигенција придонеле за речиси една четвртина од растот на американскиот БДП во последните квартали.

Вториот главен начин на кој бумот на вештачката интелигенција ја поддржува економијата е преку берзата.

Според податоците на Федералните резерви, нето богатството на американските домаќинства во првиот квартал достигнало 174 трилиони долари, што е за 13 трилиони долари повеќе во споредба со една година претходно, главно поради растот на цените на акциите.

Од тогаш, широкиот индекс S&P 1500 пораснал за дополнителни околу 15 проценти, што укажува на дополнително зголемување на богатството на домаќинствата за трилиони долари.

Економистите одамна сметаат дека кога финансиското богатство расте, домаќинствата ја зголемуваат и потрошувачката. Најголема корист од овој ефект имаат домаќинствата со повисоки приходи, кои поседуваат најголем дел од акциите.

„Без овој инвестициски бум, економијата сигурно би се развивала побавно“, смета Пирс.

Кои се ризиците?

Покрај позитивните ефекти, економистите предупредуваат и на ризици. Според Мајкл Фероли од „ЏејПи Морган Чејс“, огромните инвестиции во центри за податоци би можеле да ги пренасочат ресурсите од други сектори на економијата.

„Не можете едноставно да ја отстраните вештачката интелигенција и сè останато да остане непроменето. Активностите и финансискиот ентузијазам околу неа веројатно ги потиснуваат другите инвестиции“, посочува тој.

Бумот во секторот создава притисок и врз цените на електронските компоненти, што придонесува за инфлација. Повисоките цени на чиповите, на пример, ги зголемуваат трошоците за производство на голем број потрошувачки уреди.

Засега, сепак, нема знаци дека инвестицискиот бран слабее.

Според податоците на „FactSet“, аналитичарите очекуваат капиталните трошоци на петте водечки технолошки компании – „Алфабет“, „Амазон“, „Мета платформс“, „Мајкрософт“ и „Оракл“ – да достигнат речиси 4 трилиони долари до крајот на 2029-та година. Тоа е за повеќе од 300 милијарди долари над претходните прогнози од пред еден месец.

Според „Барклис“, вкупната вредност на издадените обврзници од овие пет компании, како и од „SpaceX“, би можела да достигне 285 милијарди долари оваа година, во споредба со околу 109 милијарди долари во 2025-та година.

„Вештачката интелигенција влијае на толку многу области. Голем дел од американската економија веќе зависи од продолжувањето на силниот раст во овој сектор“, вели Џонатан Милер.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП