ПочетнаАВТОБИЗ„Audi“ не завршува со промените кај луксузните „SUV“ модели – доаѓа новиот...

„Audi“ не завршува со промените кај луксузните „SUV“ модели – доаѓа новиот „Q8“

Германскиот премиум производител „Audi“ категорично ги отфрли шпекулациите за иднината на својот водечки спортски кросовер „Q8“.

По големите промени во високото раководство и деталното преиспитување на продуктовата стратегија, компанијата од Инголштад дала зелено светло за развој на целосно нов наследник на моделот.

Информацијата лично ја потврди извршниот директор на марката, Гернот Деленер. Според неговите зборови, кога ја презел функцијата, иднината на концептот на купе-„SUV“ била неизвесна, а планот за продолжување на моделот практично не постоел. Сепак, по направените анализи, преовладале аргументите за негово зачувување, бидејќи моделот успешно се натпреварува со главните конкуренти „BMW X6“ и „Mercedes-Benz GLE Coupe“.

Новата генерација на „Audi Q8“ ќе ја задржи познатата и успешна формула – агресивен изглед со закосен покрив, строго петседишна кабина и динамичен карактер. Така, купе-кросоверот повторно ќе биде поемоционална алтернатива на практичниот „Audi Q7“, додека неодамна претставениот „Audi Q9“ се очекува да ја преземе улогата на семеен „SUV“ со максимален простор.

Засега од Инголштад не откриваат конкретни технички детали, ниту точен датум за светската премиера. Сепак, автомобилските аналитичари очекуваат под хаубата повторно да се најдат докажаните погонски единици – V6 мотор и моќниот 4.0-литарски V8 битурбо мотор.

Останува да се види дали спортските верзии „SQ8“ и „RS Q8“ ќе бидат претставени веднаш со новата генерација или ќе пристигнат подоцна како дополнување на понудата.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП