ПочетнаКОМПАНИИВојната ја наполни касата на „Saudi Aramco“, профитот порасна за 33 отсто

Војната ја наполни касата на „Saudi Aramco“, профитот порасна за 33 отсто

Саудиската државна нафтена компанија „Saudi Aramco“ забележа раст на добивката од 33 проценти во вториот квартал од годинава, поттикнат од поскапувањето на нафтата поради војната меѓу САД и Израел со Иран, објави „Bloomberg“.

Коригираната нето-добивка достигнала 33,4 милијарди долари, во споредба со 25,2 милијарди долари во истиот период лани, соопшти компанијата. Овој резултат ги надмина очекувањата на аналитичарите анкетирани од „Bloomberg“, кои прогнозираа добивка од 31,1 милијарда долари.

Во текот на вториот квартал, суровата нафта од типот брент во просек се тргуваше по цена од речиси 97 долари за барел, откако затворањето на Ормускиот Теснец предизвика најголем прекин на испораките во историјата. Тоа значително ги зголеми приходите на „Aramco“, бидејќи компанијата го пренасочи најголемиот дел од својот извоз преку Црвеното Море. Сепак, сега се соочува со нов ризик, откако јеменските Хути се заканија дека ќе напаѓаат танкери што пловат по оваа рута.

Главниот извршен директор на „Aramco“, Амин Насер, изјави дека компанијата се потпирала на „стратешката инфраструктура, како што се нафтоводот Исток–Запад, складишните капацитети и извозните терминали“ за да го одржи работењето во текот на војната.

Според него, тоа ѝ овозможило на компанијата да го задржи производството и извозот, а истовремено да продолжи со реализацијата на клучните проекти.

Во јули, дел од клучната инфраструктура на „Aramco“ беше цел на напади, а компанијата сè уште ги анализира последиците врз своето работење и финансиските резултати. До крајот на вториот квартал, сепак, не е регистрирано значително влијание врз работењето или финансиските показатели.

„Aramco“ профитираше и од наглото поскапување на нафтените деривати, како што се дизелот и авионскиот керозин, чии цени во повеќе наврати растеа побрзо од цената на суровата нафта. Дури и откако цената на брентот падна под 75 долари за барел по привременото мировно разбирање меѓу САД и Иран, цените на горивата останаа високи.

Компанијата, која управува со рафинерии на саудискиот брег на Црвеното Море, претходно соопшти дека продолжува да го зголемува извозот на горива за да ги искористи повисоките цени и профитните маржи.

Но, овие испораки се сè повеќе загрозени поради нападите на Хутите врз трговските бродови, со што се отвори нов фронт во конфликтот и се доведоа во опасност милиони барели саудиска сурова нафта и нафтени деривати. Доколку дојде до сериозни и долготрајни прекини на транспортот преку Црвеното Море, тоа би можело повторно да предизвика тензии на светскиот пазар, особено поради ограничениот бродски сообраќај низ Ормускиот Теснец.

Од компанијата очекуваат обновувањето на светските резерви на нафта дополнително да ја поттикне побарувачката.

Во вториот квартал, „Aramco“ ја продавала својата сурова нафта по просечна цена од 108,10 долари за барел, во споредба со 66,70 долари во истиот период минатата година. Во меѓувреме, производството на течни горива е намалено за 28 проценти, на 7,57 милиони барели дневно, додека производството на природен гас е намалено за 16 проценти.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП