ПочетнаЕКОНОМИЈАТрговскиот дефицит на САД се намали на 73 милијарди долари поради пад...

Трговскиот дефицит на САД се намали на 73 милијарди долари поради пад на увозот

Трговскиот дефицит на САД се намали во јуни, откако увозот првпат од почетокот на годината забележа пад поради пошироко намалување на увозните активности, пренесува „Bloomberg“.

Дефицитот во трговијата со стоки и услуги се намалил за 5,6 проценти во однос на претходниот месец, на 73,3 милијарди долари, покажуваат податоците објавени од американското Министерство за трговија. Вредноста на увозот се намалила за 1,8 проценти, додека извозот се намалил за 0,9 проценти.

Податоците за трговијата го опфаќаат кварталот во кој нето-извозот продолжил негативно да влијае врз економскиот раст. Трговските текови останале многу променливи од месец во месец поради промените во трговската политика, нарушувањата предизвикани од војната меѓу САД и Израел во Иран, како и забрзаните инвестиции во вештачка интелигенција (АИ).

Иако во првиот квартал Врховниот суд укина голем дел од царините за увоз, администрацијата на Доналд Трамп бара други начини за воведување давачки за увезените производи.

Увозот на компјутери, периферни уреди и компоненти значително се зголеми во 2025-та година и на почетокот од оваа година, бидејќи компаниите ги зголемија инвестициите во вештачка интелигенција. Сепак, последниот извештај за трговијата покажува дека во јуни забавил увозот на компјутери и полупроводници. Пошироката категорија на капитални производи, која вклучува слична опрема, го забележала првиот пад од септември наваму.

По корекцијата за инфлацијата, дефицитот во трговијата со стоки се намалил на 94,5 милијарди долари.

Извозот на нафта

Во меѓувреме, вредноста на американскиот извоз на индустриски суровини, како што се нафтата и нафтените производи, се намалила за 4 проценти. Падот се должи и на пониските цени на суровата нафта и на помалите извезени количини.

Според земји, трговскиот дефицит на САД со стоки во однос на Мексико и Канада се зголемил. Администрацијата на Трамп неодамна одлучи да не го продолжи трговскиот договор со соседните земји, туку наместо тоа да спроведува годишни ревизии, што може да донесе дополнителна неизвесност за бизнисите во следните месеци.

Трговскиот дефицит на САД со Кина исто така се зголемил. Пораснал и дефицитот со Виетнам – една од земјите кои најмногу профитираа од преструктуирањето на глобалните синџири на снабдување по заострувањето на трговските тензии меѓу САД и Кина за време на првиот мандат на претседателот Доналд Трамп.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП