Кина одобри изградба на осум нови нуклеарни реактори, а проектите се проценети на повеќе од 170 милијарди јуани (околу 25 милијарди долари). Со тоа Пекинг ги забрзува инвестициите во производството на нуклеарна енергија, со цел да ја снабдува својата економија без зголемување на емисиите на јаглерод диоксид, пренесува „Bloomberg“.
Државниот совет на Кина, односно владата на земјата, дал зелено светло за проекти во четири провинции, покажуваат документите на државните енергетски компании.
Меѓу одобрените проекти се петтиот и шестиот блок на нуклеарната централа Хуиџоу во провинцијата Гуангдонг, со кои управува подружница на „CGN Power Co“, најголемиот нуклеарен оператор во Кина. Секој од реакторите по завршувањето ќе додаде по 1.217 мегавати капацитет, што е доволно за снабдување со електрична енергија на милиони кинески домаќинства.
Одобрени се и проектот Џуанхе во провинцијата Лиаонинг, кој го развива „China National Nuclear Power Corporation“, објектот Џинцимен во Џеџијанг, како и развојот на проектот Лаијанг во Шандонг, зад кој стои „SPIC Industry-Finance Holdings Co“, според регулаторните документи.
Одлуките на кинеските власти ја нагласуваат стратегијата на Пекинг да обезбеди стабилно снабдување со електрична енергија 24 часа дневно, во услови кога побарувачката за струја продолжува да расте.
Кина е светски лидер во изградбата на соларни и ветерни електрани, но нуклеарната енергија се смета за клучна за обезбедување стабилен базен извор на енергија без јаглеродни емисии и за одржување на рамнотежата на електроенергетската мрежа, која е подложна на променливоста на обновливите извори.
Во март кинеската влада постави цел до 2030-та година да достигне 110 гигавати инсталиран нуклеарен капацитет, што би претставувало раст од 76 проценти во однос на крајот на минатата година.
Брзото проширување на нуклеарниот сектор е дел од планот на Кина да ги надмине Франција и САД и да стане најголем производител на нуклеарна енергија во светот до крајот на деценијата.
Сепак, реализацијата на овие амбициозни планови може да биде предизвик. Кина претходно не успеа да ги исполни поставените цели за достигнување 58 гигавати нуклеарен капацитет до 2020-та година и 70 гигавати до 2025-та година.
Причините беа замрзнувањето на одобрувањата за нови реактори по нуклеарната катастрофа во Фукушима, Јапонија, во 2011-та година, како и проблемите во синџирите на снабдување по пандемијата.



