Кинескиот автомобилски гигант „BYD“ официјално ги откри цените и техничките детали за новиот голем „SUV Ti 7“, наменет за европскиот пазар. Првиот пазар каде што моделот ќе пристигне е Велика Британија.
Најголемото изненадување е ценовната стратегија на брендот. Новиот модел, кој медиумите брзо го нарекоа клон на „Defender“ поради карактеристичниот изглед на каросеријата, ќе биде повеќе од 20.000 фунти поевтин од седумседниот „Land Rover Defender 110“. Дилерите веќе примаат преднарачки, а почетната цена е утврдена на 47.995 фунти.
Возилото на европскиот пазар ќе биде достапно единствено во најлуксузната верзија – „Excellence AWD“. Во оваа изведба, трите реда седишта и седумте места доаѓаат како дел од стандардната опрема.

Списокот на дополнителна опрема е богат и вклучува панорамски покрив, целосно LED светла, 20-инчни алуминиумски фелни, како и кожни седишта со греење и вентилација.
Патниците ќе имаат на располагање и двојно безжично полнење за паметни телефони, вграден фрижидер и голем централен мултимедијален екран од 15,6 инчи.
Луксузот го надополнува аудиосистем со 18 звучници, а со преклопување на двата задни реда седишта, багажниот простор се зголемува на импресивни 1.830 литри.
Под хаубата на „BYD Ti 7“ работи високоефикасен plug-in хибриден систем (PHEV). Тој комбинира 1,5-литарски четирицилиндричен турбо бензински мотор, два електромотори и голема батерија со капацитет од 35,6 kWh.
Вкупната моќност на системот достигнува 402 коњски сили, што му овозможува на тешкиот модел со погон на сите четири тркала да забрза од 0 до 100 километри на час за само 4,8 секунди.

Кога бензинскиот мотор е исклучен, SUV моделот може да помине до 119 километри исклучиво на електрична енергија.
Првите примероци од овој SUV кај европските купувачи се очекуваат во јануари 2027-ма година.
На домашниот кинески пазар моделот се продава под името „Fang Cheng Bao Bao 5“, познат и како „Leopard 5“.
Овој теренец е првиот модел на новиот премиум бренд на „BYD“, создаден специјално за издржливи и технолошки напредни оф-роуд возила со носечка рамка.
Во технички поглед, автомобилот се базира на иновативната „DMO“ (Dual Mode Off-road) платформа, развиена специјално за тешки хибридни системи.
При возење по тежок терен, распределбата на силата и симулацијата на блокадите на диференцијалите ги контролира напредна електроника, која во дел од секундата го распоредува вртежниот момент кон секој електромотор.



