„Apple“ следната година би можел да претстави една од најголемите промени за таблетот „iPad Air“ во последните неколку години. Според најновите информации, уредот конечно треба да добие OLED екран, што е една од најбараните новини меѓу корисниците.
Последните посериозни промени кај дизајнот и функционалноста на „iPad Air“ моделите беа направени во 2020-та година, додека следните генерации главно носеа помали подобрувања.
Тоа би требало да се промени со моделот кој се очекува да биде претставен на почетокот на 2027-ма година.
OLED екран и нов M5 чип
Најголемата новина кај новиот „iPad Air“ ќе биде преминот на „OLED“ дисплеј, кој според информациите ќе го произведува компанијата „Samsung Display“.
Сепак, овој екран најверојатно нема да биде толку напреден како „Tandem OLED“ технологијата која „Apple“ ја користи кај моделите „iPad Pro“.
Покрај новиот дисплеј, „iPad Air“ би требало да го добие и новиот „Apple M5“ процесор, кој ќе донесе подобри перформанси, поголема брзина и подобра енергетска ефикасност.
„Apple“, наводно, подготвува и дополнителни визуелни подобрувања, но засега не се познати деталите за тоа што точно ќе биде променето во изгледот на уредот.
„iPad mini 8“ може да биде најава за идните промени
Можно е годинашниот „iPad mini 8“, чие претставување се очекува во октомври, да биде првиот знак за насоката во која „Apple“ ќе ги развива своите таблети.
Според информациите што протекоа во јавноста, најмалиот таблет на „Apple“ би требало да добие „OLED“ екран, нов систем на звучници и водоотпорно куќиште.
Овие подобрувања би можеле во иднина да станат стандард и кај другите модели на „iPad“.
Со воведувањето на „OLED“ технологијата и новиот процесор, „Apple“ се очекува повторно да го освежи „iPad Air“ и да го приближи до премиум сегментот, задржувајќи го како поевтина алтернатива на „iPad Pro“ линијата.



