Сипаниците кај овците и козите повеќе не се закана што може да се следи од страна и да се чека сама да исчезне. Болеста се шири, бројот на жаришта расте, а сточарите предупредуваат дека секој изгубен ден значи нови заразени стада, ново уништување добиток и уште поголема штета за фармите. Во моментов се регистрирани 17 активни жаришта, додека досега се уништени околу 2.700 овци.
За сточарите, бројките не се обична статистика. Зад секое уништено грло стојат години работа, вложени пари, храна, лекови и труд од рано наутро до доцна навечер. Особено тешко е за малите семејни фарми, каде што едно стадо е главен или единствен извор на приходи.
„Ќе ги загубиме и овците и козите ако не се преземат мерки веднаш. Не може само да се брои колку животни се уништени, а болеста да продолжува да се движи од село во село“, велат сточарите.
Тие бараат засилени контроли на движењето на добитокот, целосна забрана за нелегална трговија, редовна дезинфекција и побрзо откривање на сомнителните случаи. Дел од нив сметаат дека ветеринарните екипи на терен мора да бидат побројни и постојано присутни во загрозените подрачја, а не да интервенираат дури откако болеста ќе се појави во стадото.
Проблем, според луѓето од секторот, е и движењето на животни без соодветна документација. На локалните пазари, но и директно меѓу одгледувачите, сè уште се продава добиток без целосна контрола. Едно заразено грло може за кратко време да ја пренесе болеста во друго село. Потоа веќе е доцна.
„Не бараме чудо. Бараме контрола на патиштата, контрола на пазарите и навремена реакција. Ако има сомнително стадо, веднаш да се изолира. Ако се чека неколку дена, заразата веќе е отидена понатаму“, велат од сточарскиот сектор.
Ветеринарните експерти објаснуваат дека сипаниците кај малите преживари се заразна болест што може брзо да се прошири преку директен контакт меѓу животните, преку превозни средства, опрема, облека и луѓе што се движат меѓу фармите. Затоа, како што посочуваат, биосигурносните мерки не смеат да останат само препорака на хартија.
Фармерите треба да го ограничат влегувањето на непознати лица во шталите, да не позајмуваат опрема од други одгледувачи и веднаш да ги пријават животните со промени на кожата, покачена температура, слабост или намален апетит.
Сепак, сточарите велат дека не можат сами да ја запрат заразата.
„Може ние да ја затвориме фармата, но ако по патиштата се движат камиони со животни без контрола, тогаш сè е залудно. Мора да има исто правило за сите“, велат тие.
Голем проблем е и обесштетувањето. Одгледувачите бараат парите за уништените животни да се исплаќаат брзо и по реална пазарна вредност. Во спротивно, фармер кој останал без цело стадо нема со што да почне одново, ниту има пари да ги покрие старите долгови за храна, ветеринарни услуги и кредити.
Економистите предупредуваат дека продолжувањето на кризата ќе се почувствува и надвор од фармите. Намалувањето на бројот на овци и кози може да доведе до помало производство на млеко, сирење и месо, а потоа и до раст на цените. Дополнителен проблем е што обновувањето на стадата не се прави за неколку месеци. Потребни се години.
„Кога ќе се уништи едно производно стадо, не се губат само животните. Се губи идното производство, приходите и пазарот што фармерот го градел со години“, објаснуваат економските познавачи.
Сточарите најавуваат дека ќе излезат на протести доколку институциите не објават јасен план со конкретни мерки, рокови и средства за обесштетување. Велат дека повеќе нема простор за општи соопштенија и уверувања дека состојбата се следи.
Б.З.М.



