Северна Македонија се наоѓа меѓу европските земји со највисока стапка на сопственост на домови, според мапата објавена од „The World in Maps“.
На неа за земјава е наведена стапка од 97,8%, што би значело дека речиси 98 од секои 100 жители живеат во дом што е во сопственост на нивното домаќинство.
Бројката е повисока од онаа во Србија, каде на мапата се наведени 88,9%, Бугарија со 86%, Хрватска со 91% и Грција со 69,7%. Во Западна Европа сопственоста е значително пониска, односно во Германија е на 47,2%, Франција на 61,2%, а Обединетото Кралство на 64,5%. Но податокот од мапата треба да се чита внимателно.
Поновата статистичка серија што се повикува на Евростат покажува дека стапката на сопственост во Северна Македонија во 2024 година изнесувала околу 87%, додека просекот во Европската Унија бил 68%. Разликата од речиси 11 процентни поени во однос на мапата најверојатно произлегува од различен извор, период или методологија.
Без разлика дали стапката е 87% или 97,8%, заклучокот останува ист,а тоа е дека Македонија е земја во која сопствениот дом е доминантен модел на живеење.

Високата сопственост не значи дека секој има свој стан
Овие проценти не покажуваат колку граѓани лично поседуваат недвижност на свое име. Тие покажуваат колку луѓе живеат во домаќинство што го поседува домот.
На пример, ако родителите се сопственици на куќата, а со нив живеат две возрасни деца, сите членови статистички живеат во сопствен дом. Тоа не значи дека децата имаат сопствена недвижност или дека се финансиски независни.
Токму тука се појавува македонскиот парадокс.
Имаме многу висока стапка на сопственост, но младите го напуштаат родителскиот дом во просек дури на 32,1 година, додека просекот во Европската Унија е околу 26 години.
Во практика, голем дел од високата сопственост произлегува од наследени станови, семејни куќи, надградени катови и заедничко живеење на повеќе генерации.
Затоа бројката повеќе зборува за традицијата и структурата на домаќинствата отколку за тоа колку лесно млад човек денес може самостојно да купи стан.
Западот почесто изнајмува, но порано се осамостојува
Во Германија помалку од половина од населението живее во сопствен дом, но изнајмувањето е вообичаено и долгорочно прифатено решение. Закупците имаат развиен пазар, подолгорочни договори и поголема правна заштита. Младите можат да се одделат од родителите без веднаш да купат недвижност или да преземат станбен кредит за наредните три децении.
Во Македонија киријата често се смета за привремен трошок и „плаќање не туѓ стан“. Поради тоа, семејствата повеќе сакаат да купат, изградат или наследат дом, дури и кога тоа значи подолго останување со родителите.
Сопствениот дом е голема предност. Обезбедува сигурност, ја елиминира киријата и претставува имот што може да се остави во наследство. Но стан или куќа не значат автоматски и висок животен стандард.
Едно домаќинство може да поседува недвижност, а сепак да има ниски приходи, мала заштеда и проблеми со тековните сметки. Имотот создава богатство на хартија, но не секогаш и расположлива готовина. Затоа високата стапка на сопственост не треба да се толкува како доказ дека станбеното прашање во Македонија е решено.
Вистинскиот тест е дали младо семејство со две просечни плати може да купи или изнајми пристоен дом, без најголемиот дел од приходите да го троши на рата или кирија.
Македонија несомнено е земја на сопственици. Но зад високата бројка се кријат наследени имоти, повеќегенерациски домаќинства и млади луѓе што статистички живеат во сопствен дом, иако сè уште немаат дом што навистина можат да го наречат свој.
С.Б.



