ПочетнаЕКОНОМИЈАМАКЕДОНИЈАСтрански милиони, домашен раст: Македонија нема корист ако инвестицијата само помине низ...

Странски милиони, домашен раст: Македонија нема корист ако инвестицијата само помине низ неа

На Македонија ѝ се потребни странски инвестиции. Но не е доволно само да се објави дека во земјата влегле сто или двесте милиони евра. Вистинското прашање е каде завршуваат тие пари?

Дали со нив се ангажираат македонски компании, работници, инженери, транспортери и производители на материјали? Дали домашните фирми добиваат нова опрема, знаење и референци со кои утре ќе можат да конкурираат и надвор од земјата? Или странскиот капитал влегува само формално, а потоа најголем дел од него повторно се одлева преку увоз на материјали, механизација, услуги и работници?

Разликата меѓу овие два модела е огромна. Во првиот случај, странското финансирање создава домашен раст. Во вториот, Македонија добива инфраструктурен објект, но многу помал економски ефект за компаниите и граѓаните што живеат во неа.

Ова прашање станува сè поважно затоа што домашната економија не располага со неограничен капитал. Банките можат да го кредитираат населението и стопанството, но не можат сами да ги финансираат сите автопати, железници, енергетски капацитети, фабрики, хотели, технолошки центри и развојни проекти што ѝ се потребни на земјата. Ниту пак би било здраво целиот економски развој да зависи само од банкарски кредити.

Банките работат со депозити што во голем дел се краткорочни, мора да одржуваат капитал и ликвидност и не смеат да изложат преголем дел од средствата кон една компанија, сектор или проект. Голем инфраструктурен или индустриски проект, пак, може да бара стотици милиони евра и период на отплата од дваесет или триесет години.

Токму тука треба да влезат странските директни инвестиции, европските фондови, развојните банки и меѓународните финансиски институции. Но со една важна цел – надворешните пари да активираат што е можно поголем дел од домашната економија.

Еден милион евра не секогаш создава ист раст

На хартија, две инвестиции од по 100 милиони евра изгледаат еднакво, но во реалноста, нивниот ефект може да биде целосно различен.

Во првиот проект, странската компанија носи сопствени работници, опрема, бетон, челик, проектанти, транспорт и подизведувачи. Во Македонија остануваат ограничен број плати, дел од даноците и објектот што се гради.

Во вториот проект, капиталот е обезбеден од странство, но главен изведувач или значаен дел од конзорциумот е домашна компанија. Таа ангажира македонски инженери и работници, купува гориво и дел од материјалите на домашниот пазар, користи локален транспорт, подизведувачи, осигурување, банкарски гаранции, сместување и други услуги.

И двете инвестиции создаваат инфраструктура. Но втората создава и промет, плати, даночни приходи, деловни референци и нов производствен капацитет во Македонија.

Парите не се трошат само еднаш. Платата на градежниот работник се троши во продавница. Домашниот добавувач плаќа плати и даноци. Транспортната компанија купува гориво и сервисира возила. Подизведувачот набавува опрема. Банката издава гаранции, а осигурителната компанија покрива ризици. Така една странска инвестиција создава повеќе кругови на домашна економска активност.

Кога најголемиот дел од набавките и работната сила доаѓаат од странство, тој мултипликативен ефект е значително помал. Македонија го добива патот, фабриката или енергетскиот објект, но не го развива доволно сопствениот капацитет да го изгради следниот. Тоа е економскиот јаз што мора да се затвори.

Автопатот Скопје-Блаце покажува како странските пари можат да работат за домашната економија

Добар пример е втората делница од автопатот Скопје–Блаце. Проектот опфаќа изградба на околу 10,5 километри автопат од клучката Стенковец до близина на граничниот премин Блаце. Поради сложениот терен, предвидени се пет двоцевни тунели, осум мостови, четири галерии, 11 потпатници и девет потпорни ѕидови.

Финансиската конструкција се потпира на надворешен капитал. Европската банка за обнова и развој обезбедува заем од 167,6 милиони евра, Европската Унија инвестициски грант од 30,8 милиони евра, а дополнителни 8,8 милиони евра се наменети за подготовка, имплементација и надзор на проектот.

Изведувањето, според објавените информации, му е доверено на конзорциум предводен од македонската градежна компанија „Гранит“. Тоа е суштината на моделот што ѝ е потребен на Македонија – странско и европско финансирање, стратешка инфраструктура и силно учество на домашна компанија.

Дел од средствата неизбежно ќе бидат потрошени за увозна опрема, специјализирани системи и материјали што не се произведуваат во земјата. Тоа е нормално за сложен инфраструктурен проект. Но кога домашна компанија го предводи конзорциумот, многу поголема е веројатноста значаен дел од работата, вработувањето, подизведувањето и оперативната потрошувачка да останат во Македонија.

Уште поважно, домашната компанија добива искуство и референца за проект со тунели, мостови и сложена геологија. Таа референца утре може да ѝ овозможи да конкурира за слични проекти во регионот и да донесе нови приходи од странство.

Тогаш ефектот од инвестицијата не завршува со отворањето на автопатот.

Растот од 3% не е доволен за брзо приближување кон Европа

Македонската економија во првиот квартал од 2026 година пораснала за 3,1% на годишно ниво. Градежништвото имало раст од 7,2%, но преработувачката индустрија забележала пад од 0,2%, а поширокиот индустриски сектор пад од 0,8%. Овие бројки покажуваат дека економијата расте, но не со доволно широка основа.

Светска банка оценува дека растот во 2025 година достигнал 3,5% и дека бил во голем дел поттикнат од изградбата на автопатишта и од услужниот сектор. Истовремено, предупредува дека долгорочниот напредок зависи од повисока продуктивност, подобра конкурентност, инвестиции и преместување на ресурсите кон дејности со повисока додадена вредност.

За земја што се обидува да се приближи кон европскиот животен стандард, раст од околу 3% е позитивен, но не е доволен за брза конвергенција. Македонскиот бруто-домашен производ по жител, мерен според куповната моќ, во 2025 година бил на ниво од околу 43% од просекот на Европската Унија. Со мал раст, разликата може да се намалува со децении.

За побрзо приближување се потребни нов капитал, продуктивна инфраструктура, модерна технологија, извозни капацитети и домашни компании што ќе растат од мали во средни и од средни во регионални играчи.

Домашната штедна база и банкарскиот систем можат да обезбедат дел од средствата. Но не можат сами да ја покријат целата инвестициска потреба.

Доколку банките истовремено треба да финансираат станови, потрошувачки кредити, обртни средства на компаниите, земјоделство, енергетика, хотели, фабрики и инфраструктурни проекти, неизбежно се појавува ограничување.

Поради тоа, странскиот капитал не е луксуз. Тој е потребен дополнителен извор на раст.

Не ни требаат само странски компании, туку странски пари поврзани со домашни фирми

Јавната дебата за странските инвестиции најчесто се сведува на бројот на нови фабрики и работни места. Тоа е важно, но не е доволно.

Квалитетна странска инвестиција треба да создаде врски со домашната економија. Странската фабрика треба да набавува делови, амбалажа, транспорт, одржување, софтвер, инженерски и професионални услуги од македонски компании.

Инфраструктурниот проект треба, кога условите, капацитетите и правилата за јавна набавка го дозволуваат тоа, да вклучува домашни изведувачи и подизведувачи.

Енергетската инвестиција треба да создаде локални знаења за проектирање, монтажа, одржување и управување, а не земјата со години да остане зависна од странски кадар за секој сервис.

Тоа не значи затворање на пазарот или автоматско фаворизирање компанија само затоа што е домашна. Конкуренцијата, квалитетот, цената и транспарентноста мора да останат основа на секој тендер. Но државата може законски и стратешки да создаде услови домашните компании да бидат подготвени да конкурираат.

Може да ги поддржи во добивање меѓународни сертификати, дигитализација, набавка на опрема, енергетска ефикасност, обука на кадар и формирање конзорциуми. Може големите проекти навреме да ги најавува, за компаниите да имаат време да изградат капацитет. Може да организира програми преку кои странските инвеститори ќе запознаат домашни добавувачи.

Најважно од се, државата може да престане да го мери успехот само според вкупната вредност на инвестицијата.

Треба да се мери и колкав дел од договорите добиле домашни компании, колку локални работници се ангажирани, колку набавки се направени во земјата, колку нови добавувачи се сертифицирани и колкав извоз подоцна создале тие компании. Само така ќе се види дали инвестицијата навистина ја развива економијата или само ја користи македонската територија.

Владата мора да стане посредник меѓу странскиот капитал и домашниот капацитет

Привлекувањето инвестиции не завршува со потпишување меморандум или фотографија пред нова фабрика. Тогаш почнува потешкиот дел.

Владата мора да изгради активна политика преку која странските приливи ќе се поврзуваат со домашните компании. Тоа бара координација меѓу институциите за инвестиции, министерствата, развојната банка, коморите, универзитетите и приватниот сектор.

Домашните компании често немаат проблем само со недостиг од нарачки. Тие немаат доволно долг и евтин капитал за да купат машина, да обезбедат банкарска гаранција, да вработат дополнителни инженери или да финансираат работа неколку месеци пред да ја наплатат фактурата.

Тука е потребна комбинација од инструменти како што се гаранциски фондови, кофинансирање, кредитни линии од меѓународни институции, факторинг, осигурување на извозот, приватен капитал и развојни фондови.

Банките треба да останат главен партнер на стопанството, но не и единствен извор на капитал.

Кредитот е соодветен за компанија што има стабилен готовински тек и може редовно да отплаќа рати. Иновативна фирма, нов извозен капацитет или голем инфраструктурен проект често бара капитал што го дели ризикот и чека подолго на поврат.

Доколку секоја инвестиција се финансира само со долг, компаниите стануваат презадолжени пред воопшто да почнат да растат.

Затоа Македонија мора истовремено да привлекува странски директни инвестиции, европски грантови, развојно финансирање и приватен капитал, а потоа да ги насочува кон проекти што создаваат домашна додадена вредност.

Најскапа е инвестицијата од која парите веднаш си заминуваат

Секоја нова фабрика, пат, железница или енергетски капацитет е важен, но не секој потрошен милион евра има ист ефект врз македонската економија.

Ако капиталот дојде од странство, а со него се платат странски материјали, странски работници, странска механизација и странски подизведувачи, најголем дел од парите брзо ќе ја напуштат земјата. Македонија ќе добие објект, но домашните компании ќе останат без нарачки, без нова опрема и без знаење.

Ако истиот капитал финансира домашен изведувач, локални добавувачи и македонски работници, земјата ќе го добие истиот објект, но и поголем БДП, повеќе плати, даноци, деловни референци и компании што се способни да го изградат следниот проект.

Затоа на Македонија не ѝ се потребни само повеќе странски инвестиции. Потребни ѝ се странски инвестиции што создаваат домашна економија.

Примерот со автопатот кон Блаце покажува како европски грант и меѓународен заем можат да обезбедат капитал што домашниот финансиски систем тешко би го обезбедил сам, додека реализацијата предводена од македонска компанија може да задржи поголем дел од економскиот ефект во земјата. Тоа треба да биде модел, а не исклучок, бидејќи економијата не расте само кога во Македонија ќе влезат пари, туку расте кога тие пари ќе останат доволно долго за да создадат македонски компании што утре нема да чекаат инвестиции – туку самите ќе инвестираат.

В.М.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП