Летото носи туристи, полни фрижидери во апартманите и сè помалку слободни кревети покрај езерата и во туристичките места. За сопствениците на станови, соби, викендички и куќи за одмор тоа значи добра сезона и дополнителна заработка. Но парите што ќе легнат на сметка или ќе бидат земени во готово не остануваат невидливи за даночните власти.
Од Управата за јавни приходи потсетуваат дека секој приход остварен од краткотрајно издавање сместување подлежи на оданочување. Во фокусот летово се токму физичките лица што им издаваат апартмани, станови, куќи, викендички и соби на туристи.
„Целта не е само да укажеме на законските обврски, туку да им помогнеме на граѓаните навремено и правилно да ги исполнат“, посочуваат од УЈП.
Активностите, според најавите, нема да останат само на предупредувања и објави на социјалните мрежи. Предвидени се анализи на ризик, размена на податоци со други државни и локални институции, директна комуникација со даночните обврзници, но и насочени контроли.
Со други зборови, огласот за апартман поставен на интернет, податоците со кои располагаат општините и информациите од другите институции може да бидат дел од пошироката слика што ја проверува УЈП. Не значи дека инспектор ќе тропне на секоја врата, но значи дека издавањето „на диво“ станува сè поризично.
Даночни познавачи објаснуваат дека голем дел од сопствениците погрешно веруваат оти не треба да пријават приход доколку издаваат само неколку недели во годината.
„Нема правило според кое сезонската или повремената заработка автоматски е ослободена од данок. Обврската постои и кога станува збор за само неколку ноќевања“, велат даночните експерти.
Приходот од краткотрајно издавање на физички лица се пријавува електронски, преку системот е-Даночни услуги. Кога сместувањето се издава за период пократок од 31 ден, сопственикот треба да поднесе електронска пресметка за секој остварен приход, најдоцна до 10-ти во следниот месец.
Тоа значи дека приходот остварен во август треба да биде пријавен до 10 септември. По одобрувањето на електронската пресметка се добива налог за плаќање, а данокот за претходниот месец треба да биде платен најдоцна до 15-ти.
Даночната стапка изнесува 10 проценти, но не се пресметува секогаш на целата заработена сума. Кај опремените станови и апартмани се признаваат нормирани трошоци од 15 проценти. Практично, ако сопственик заработил 30.000 денари од издавање опремен апартман, даночната основа ќе изнесува 25.500 денари, а данокот 2.550 денари.
Парите што остануваат по плаќањето на данокот се законски пријавен приход. Токму тоа, според економистите, е важно и за фер односот меѓу оние што работат регистрирано и оние што заработуваат без да пријават ниту денар.
„Кога еден сопственик ги плаќа обврските, а соседниот апартман работи цела сезона без да пријави приход, тогаш не станува збор само за избегнат данок, туку и за нелојална конкуренција“, велат економистите.
За неподнесување електронска пресметка во предвидениот рок може да биде изречена глоба од 50 до 250 евра во денарска противвредност. УЈП најавува дека контролите ќе бидат насочени според проценетиот ризик, а не случајно.
Сезоната, значи, може да биде одлична. Полни соби, резервации до крајот на август, гости што доаѓаат и си заминуваат. Само што по последното чистење и предавањето на клучевите останува уште една работа. Приходот да се пријави.
Б.З.М.



